| четврток, 6 декември 2018 |

Антиќ во интервју за Датоме: Се бркам со Спанулис, колку деца-толку титули

antic

Перо Антиќ и Фенербахче денеска ќе атакуваат на нова титула во Евролигата, откако лани во големото финале по продолжение турскиот гигант претрпе пораз од ЦСКА Москва. Фенер вечерва за противник во полуфиналето ќе го има Реал Мадрид, а Антиќ и соиграчите се оптимисти дека предноста што овој Ф4 турнир се игра во Истанбул ќе ја претворат во ново евролигашко финале.

– Ова ќе ми биде четврта сезона во Евролигата и четири години стигнувам до фајналфор турнирот. Секако дека се надевам на титула на крајот, меѓу другото и бидејќи се бркам со Василис Спанулис, по една титула во Евролигата за секое дете што го имаме. Јас имам три деца, сега ми недостига уште третата титула – истакна Антиќ низ насмевка при мини-интервјуто од прашања што му ги поставуваше соиграчот Луиџи Датоме.

Сопругата на Спанулис неодамна го роди нивното четврто дете, па плејмејкерот на Олимпијакос исто така најави дека ќе атакува на европска круна што би ја посветил на најновиот член на своето семејство.

Воедно, македонскиот интернационалец повторно упати комплименти на адреса на тренерот Жељко Обрадовиќ, опишувајќи го како најдобар во светот.

– Пред се е голем предизвик да играш за Жељко Обрадовиќ. Од една страна е голема чест бидејќи според мене тој е најдобриот тренер на сите времиња, но од друга страна е многу тешко бидејќи треба да ги задоволиш сите негови барања и сето она што тој го замислил дека ти треба и можеш да го направиш за тимот. Во секој случај, за мене е одлично што имам можност да учам од најдобриот – истакнува Перо Антиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top