„Музеите и спорните истории – кажувајќи го неискажливото во музеите“ е тема на овогодинешното одбележување на 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите. Темата оваа година ја зададе Меѓународниот совет на музеите (ICOM) и важи за сите земји за 2017 година, а се фокусира на улогата на музеите кои, работејќи за доброто на општеството, стануваат центри за помирување на народите.
– Избирајќи да се каже неискаживото во музеите, темата на Меѓународниот ден на музеите за 2017 се осврнува на тоа како да се разберат неразбирливите аспекти од спорните истории својствени за човештвото. Таа исто така ги поттикнува музеите да играат активна улога во мирното разрешување на трауматските истории преку посредување, изразување на различни гледишта и се фокусира на врската помеѓу замислување на иднина, која ги надминува табу-темите и води кон подобро меѓусебно разбирање, се наведува за Денот на музеите.
Во Македонија, Интернационалниот ден на музеите со низа активности ќе го одбележат Националната галерија на Македонија во сите свои изложбени објекти и Археолошкиот музеј на Република Македонија.
Како што соопштуваат од Националната галерија, во Даут-пашин амам, напладне ќе се одржи едукативна музејска наградна игра „Лавиринт на уметноста“, а изложбата „Иван Мештровиќ, литографии од Колекцијата на Националната галерија на Македонија“ ќе биде отворена вечер во Чифте амам во 19 часот. Во истиот изложбен простор во 20 часот ќе биде претставена и изложбата „Искушенијата на НИНАВАЛЕ“ на уметничкиот пар Нина Ковачева и Валентин Стефанов. Поставката на Ковачева и Стефанов, ликовни уметници по потекло од Република Бугарија, кои живеат и активно работат во Република Франција, е создадена специјално за карактеристичниот простор на објектот Чифте амам.
Во контекст на одбележувањето на Денот на музеите, во Даут-пашин амам, во текот на целиот ден ќе биде поставена изложба на апсолвенти од Факултетот за ликовни уметности при Државниот универзитет во Тетово, од класата на проф. Решат Амети.
Освен наведените изложби и активности, во рамки на манифестациите „18 Мај – Меѓународен ден на музеите“, Националната галерија на Македонија ќе учествува во одбележувањето на „Европска ноќ на музеите 2017“ што ќе се одржи на 20 мај годинава. Сите објекти ќе бидат отворени за посета нудејќи можност да се погледнат изложбите кои се веќе поставени: Гоце Наневски, „Анатомија на векот“ и „Никола Мартиноски, почетоци 1912-1929“ во Мултимедијалниот центар Мала станица, како и Постојаната поставка во објектот Даут-пашин амам.
Денеска и на 20 мај сите три објекти на Националната галерија на Македонија – Даут-пашин амам, Чифте амам и Мултимедијалниот центар Мала станица ќе бидат отворени за посета од 10-22 часот, а влезот ќе биде бесплатен.
Археолошкиот музеј на Република Македонија, пак, кој што трета година се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите, денеска од 13 часот ќе организира настан за најмладите, насловен „Запознавање со археологијата”. Гости во музејот ќе бидат ученици од прво одделение од скопското основно училиште „Коле Неделковски”.
– Оваа година акцентот го ставивме на најмладите кои ќе имаат можност да стекнат знаење за археологијата, археолошките локалитети и артефакти пронајдени на денешната територија на Република Македонија. Нашата цел е уште од најрана возраст да се развие свеста кај нив за посета на вакви институции, а ние преку игра да се обидеме да им ги пренесеме основните информации за богатото културно наследство. Се надеваме дека во иднина најмладите ќе бидат нашите најчести посетители, соопшти Археолошкиот музеј.
Интернационалниот ден на музеите традиционално се одбележува на 18 мај од 1977 година, со цел да се подигне свеста за важноста на музеите и културното наследство во развојот на едно општество
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст