| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Тиранската платформа не беше само политичко, туку и безбедносно прашање

Таканаречената „Тиранска платформа“ создаде многу проблеми кај нас и кај нашето население, а создаде лоша слика и за самата Албанија, но и за Косово. Споменав дека министерскиот совет расправаше за тоа прашање, кое не е само политичко туку е и безбедносно, зашто сериозно е да се навлегува во прашања на туѓа држава кои се чувствителни и предизвикаа големи протести повеќе од два месеци, смета претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Во „Отворено студио“ на ТВ НОВА тој изрази надеж дека целата оваа ситуација ќе послужи како поука за во иднина.

„Мислам дека со денешниот чин кога Зоран Заев како кандидат на мнозинството во Собранието даде гаранција за зачувување на унитарноста, како и изјавите на лидерите на албанските партии кои го поддржаа чинот, можеме да разговараме на други теми, а ова да го оставиме во минатото како нешто што треба да биде поука кои прашања се пречувствителни и не смеат да бидат предмет на партиска дебата, ниту пак врз нив да темелите програма и услов за влез во Влада“, изјави Иванов.

Говорејќи за платформата претседателот даде свој коментар и на барањето за признавање на геноцид кое предизвика бурни реакции во јавноста. Според него ваквото барање е несериозно.

„Кај нас не постои ниту факт, ниту дебата, аргумент или артефакти. Да се каже дека имало геноцид е голема навреда за сите кои живеат на овој регион. Треба да се извинат тие кои спомнале таква квалификација. Може да излезе обратното дека се вршело геноцид врз македонскиот народ“, заклучи Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top