Вечерва во Вип арена „Борис Трајковски“ во 20 часот ќе настапи Ванеса Меј, најпознатата виолинистка на сите времиња, која првпат доаѓа во Македонија. Годинава тоа ќе биде нејзин единствен концерт во регионот. Концертот е во организација на „Прагма продукција“, а е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и од Македонската филхармонија.
Ванеса Меј Венкорн Николсон, професионално позната како Ванеса Меј, е британска мегапопуларна виолинистка. Атрактивната и популарна виолинистка некогаш била нарекувана чудо од дете. Уште на 16 години ги поместува музичките граници кога го објавува албумот „Violin Player“ формирајќи необичен микс на џез, поп и на техно-звук, но се издвојува и по нејзините сценски настапи и необичен изглед. Запишана е во Гинисовата книга на рекорди како најмлад инструменталист што изведува виолиниски концерти на Бетовен и на Чајковски. Особено остава впечаток со нејзината изведба на „Токата и фуга“ на Јохан Себастијан Бах во Д-мол, која е копирана низ целиот свет.
Ванеса е првиот изведувач на класичен инструмент што бил номиниран за престижните награди БРИТ со номинацијата за најдобар женски изведувач. Во 2006 година е рангирана како една од најбогатите млади изведувачи со заработка од преку 32 милиони фунти од концерти и продажба на 10 милиони албуми низ светот, што е вистинска реткост за еден виолинист.
На своите концерти Ванеса свири на два вида виолини, и тоа класичен модел на Гвадањини од 1961 година, чијашто вредност се проценува на 150 илјади фунти, и електрична виолина „зета џез“, со чијашто комбинација приредува едно незаборавно уживање за публиката насекаде низ светот.
Меј ќе допатува во Скопје по шоуто во Братислава, а потоа лета за Израел.
– Скопје воопшто не ми беше попатна дестинација, но, сепак, решив да настапам бидејќи мислам дека ќе биде „кул“ да настапам во земја што никогаш не сум ја посетила, како што е Македонија. Затоа ја прифатив поканата да одржам концерт во Скопје – изјави Меј во инервју за „Република’.
Таа признава дека не знае многу за Македонија, но планира да истражи.
– Прво што ми доаѓа на памет е Александар Македонски – вели Меј.
За концертот во Скопје таа ќе допатува со својот бенд, но ќе биде придружувана и од Македонската филхармонија.
– Мојата сет-листа сѐ уште не е финализирана, сѐ до денот на концертот, но, се разбира, во репертоарот ќе бидат вклучени многу препознатливи песни од мојот репертоар, како и некои поретки песни – додава виолинистката.
Таа има блескава кариера на која многу музичари би и позавиделе. Но има места не кои таа се уште не настапила.
– Никогаш не сум свирела на Холивуд боул и претпоставувам дека е „фенси“ како на романтична комедија. Возбудена сум за мојата посета на Аргентина, каде што ќе изведам соло-шоу во јуни – вели Меј.
Меј во Македонија ќе биде неколку дена.
– Планирам да останам три-четири ноќевања. Се надевам дека ќе прошетам убаво низ Скопје по шоуто. Откако го носам моето кученце со мене на сите патувања, имам само причина плус да ги прошетам местата каде што настапувам пред и по настапот – завршува Меј.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.