| четврток, 6 декември 2018 |

Повеќе од 200 илјади корисници во 150 земји жртви на кибер-нападите, стручњаците стравуваат дека ќе има нови

Властите во светот се обидуваа во текот на викендот да ги откријат виновниците за големите кибер-напади, што ја попречија работата на повеќе фабрики, болници, продавници и училишта.

Стручњаците за кибер-безбедност наведоа дека вирусот зафатил повеќе од 200.000 корисници во повеќе од 150 земји.

Се стравува дека ширењето на вирусот може да предизвика нови непријатности денеска, кога луѓето ќе се вратат од своите работни места.

Стручњаците очекуваат и нови верзии на вирусот додавајќи дека засега не е позната висината на штетите предизвикани од петочните напади.

Во меѓувреме, компанијата „Мајкрософт“ ја обвини американската Влада дека чува софтверски кодови што можат да бидат користени од хакери.

Претседателот на „Мајкрософт“ Брад Смит го потврди заклучокот до кој веќе дојдоа многу истражувачи дека за последниот масоцен хакерски напад е користен инструмент создаден од американската Агенција за национална безбедност, што бил пуштен на интернет во април.

Смит исто така го покрена и прашањето за тоа како разузнавачките служби да постигнат баланс меѓу желбата да ги држат во тајност софтверските пропусти, да извршуваат шпионажа и да водат кибер војна и да ги споделуваат овие пропусти со технолошките компании со цел подобра безбедност на интернет.

– Овие напади се пример за тоа зошто криењето на пропустите од страна на владите е таков проблем – наведе Смит.

Тој истакна дека владите во светот би требало да ги сфатат овие напади како „повик за будење“ и да размислуваат за „штетите врз цивилното население, што произлегуваат од криењето на пропустите“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top