Македонската опера и балет по повод 70-годишнината од Македонската опера одржа гала-концерт на кој учествуваа сите првенци, солисти и оркестарот и хорот на МОБ.
Првата професионална оперска претстава изведена во Македонија е „Кавалерија рустикана“ на 9 мај 1947 година. Во подготовките и изведбата учествувале Тодор Скаловски како диригент и Бранко Поморишац како режисер. Хоровите ги подготвиле Петре Богданов – Кочко, Тодор Скаловски и Стефан Гајдов.
Под диригентската палка на Бисера Чадловска и на Иван Еминовиќ, а во режија на Дејан Прошев, настапија: Ана Дурловски, Борис Трајанов, Игор Дурловски, Славица Галиќ – Петровска, Весна Ѓиновска – Илкова, Ѓорги Цуцковски, Марјан Јованоски, Ристе Велков, Владимир Саздовски, Сандра Митровска, Ивана Здравкова, Ирена Крстеска, Дарко Нешовски, Злата Тошевска, Николина Јаневска и Никола Стојчевски, како и хорот и оркестарот на МОБ.
На концертот беа изведени арии, дуети, терцети, квартети, оркестарски и хорски нумери од светски автори.
Дел од солистите беше и реномираниот македонски баритон Марјан Јованоски. Како еден од водечките солисти на Македонската опера и балет, тој развива богата оперска кариера настапувајќи во САД, Германија, Австрија, Бугарија, Хрватска и во други земји. Публиката го памети неговиот извонреден настап во летниот театар „Крижанке“ во Љубљана, во улогата на принцот Елецкиј, во операта „Пикова дама“ од Петар Илич Чајковски, каде што настапи заедно со оперската легенда мецосопранот Елена Обрасцова.
Одличниот вокал и уметничкиот талент на Јовановски му донеле многубројни награди и признанија во земјава и во странство. Со него разговаравме за неговото последно гостување во Казахстан, операта, љубовта кон музиката…
Неодамна гостувавте во операта на Астана во Казахстан каде што настапивте во улогата на Скарпија во операта „Тоска“ од Џакомо Пучини, во оригиналната продукција на миланска „Скала“, под диригентско водство на италијанскиот маестро Џузепе Аквавива, а со реномираната оперска певица Жупар Габдулина во насловната улога. Кажете ни нешто повеќе за ова искуство…
Јованоски: Точно така, на 6 април настапив во главниот град на Казахстан, Астана, каде што ја играв улогата на Скарпија во операта „Тоска“ од Џакомо Пучини. Морам да признаам дека за мене ова беше голем предизвик и големо искуство бидејќи за првпат настапувам во еден ваков театар и воопшто во таа држава. Ова го кажувам од проста причина што, навистина, луѓето таму работат на едно многу високо професионално ниво. Оваа претстава, навистина, изгледаше грандиозно затоа што целата сцена беше направена од масивно дрво, сликите што беа на сцена беа рачно сликани, буквално до детаљ, најмал детаљ се беше осмислено. Сценографијата и костимографијата беше продукција на миланската „Скала“, а режисер на оваа претстава беше најдобриот режисер на сите времиња, маестро Франко Дзиферели. Интересен е и фактот што Астана е град што е создаден пред осумнаесет години, а Операта е изградена пред три години и е едно огромно здание со големо и преубаво гледалиште.
Како течеа подготовките за претставата, пробите, каква беше соработката со колегите во Астана?
Јованоски: Пробите беа многу интензивни, буквално од самото слетување на авионот јас бев на проба, по што следуваа по две интензивни проби секој ден, сè до денот на претставата. Колегите и целиот aнсамбл беа одлични, бев многу добро прифатен од нив така што сум восхитен од нивната култура и професионализам. Претставата помина одлично, имав чест да пеам со тамошните солисти и нивната најдобра певица, Жупар Габдулина, која ја толкуваше насловната улога. Публиката нѐ испрати го големи овации и тоа за мене беше посебно доживување бидејќи јас никогаш досега не сум имал таков аплауз каков што добив таму. На претставата присуствуваше aмбасадорот на Република Македонија во Казахстан, Илија Псалтиров со својата сопруга, но и амбасадорите на Грција, Турција, како и министри во Владата на Казахстан….
Сметам дека со овој мој настап во операта во Астанa ја претставив Македонија во најдобро светло, а, се разбира, и куќата во која работам, Македонска опера и балет. Се надевам дека ова нема да биде прв и последен мој настап во оваа оперска куќа и се надевам на натамошна соработка и на заеднички проекти меѓу МОБ и операта на Астана.
По враќањето, повторно гостување, овој пат во Бугарија, а настапивте на оперскиот гала-концерт на МОБ. Со што ќе се претставите и зошто ги избравте токму овие дела?
Јованоски: По враќањето од Астана другиот ден заминав во Бургас каде што на 11 април настапив во улогата на Жорж Жермон во операта „Травијата“ од Џузепе Верди. Следен настап е гала-концертот по повод 70 години од постоењето на Македонската опера.
Настапив во улогата на Жорж Жермон во премиерното издание на „Травијата“ на МОБ, на свеченото отворање на „Мајски оперски вечери“, а на 13 мај ќе настапам како Фигаро во „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини.
На гала-концерт по повод 70 години МОБ ја исполнив аријата на „Риголето“ и квартет од „Риголето“ на Џузепе Верди. Оваа улога на Риголето ми е една од неостварените улоги, кои ги сакам и се надевам дека наскоро ќе ја исполнам.
Која оперска улога би ја издвоиле како најблиска на Вашиот сензибилитет?
Јованоски: Искрено да ви кажам по природа сум многу строг и принципиелен, сум испеал повеќе од дваесет главни улоги, така што најмногу ми одговараат такви улоги каква што е улогата на Скарпија во „Тоска“, но, можеби, кога ќе се замислам најмногу ја сакам улогата на гроф Луна од операта „Трубадур“ на Џузепе Верди.
Знаете, кај нас, оперските уметници е многу тешко да се решиме која улога најмногу ни одговара затоа што секоја нова претстава и улога носат нови мислења, технички и сценски тешкотии, музикално и вокално совладување…
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Дејан Станчевски
(Текст објавен во 245. број на неделникот „Република“, 12.5.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст