Последните случувања во Македонија и регионот се дел од познатата матрица на недоверба и страв од непознатото. Оваа специфична психолошка ситуација зачинета со изјави од типот „Македонија се наоѓа на линијата на огнот меѓу Русија и САД“, искажани од државен секретар на најмоќната држава на светот, ги прави овие стравови пореални. Неказнувањето на изјавите од типот „Ќе се обединиме со Косово ако не нѐ примите итно во ЕУ“ на протежето на западот Еди Рама е само уште еден показател дека теориите на заговор не се само празни муабети.
И, навистина, што ги натера ЕУ, САД и НАТО во случајот со Македонија директно да го урнат принципот на владеење на правото и на правните процедури, а Русија како никогаш претходно да се инволивира во внатрешните прашања на Македонија, за која никогаш претходно не покажувала посебен интерес. Ако работата беше вообичаена и редовна, ако навистина интересот на големите сили беше битка против корупција и поголема демократија, ЕУ и САД можеа да почекаат неколку месеци за да завршат уставните, законските и деловничките процедури во македонскиот парламент по што со мирно срце ќе можеа да го признаат Талат Џафери за спикер, а Заев за премиер.
Крвавиот напад на десетици насилници на Собранието, за кој сите што тепаа мора да одговараат во согласност со законите, не е доволна причина да се легитимира кршењето на законот од страна на која било политичка партија. Прифаќањето вонуставни процедури по кои во „Службен весник“ се потпишува заменик-претседавач на група која, покрај сите други аномалии, нема ни просто мнозинство значи само едно. Нешто големо се готви во глобалната кујна, а Македонија не може да влијае врз рецептот на големите земји.
Конспирациите имаат реална заднина
Врз основа на претходно напишаното и другите информации што ги добиваме од светските и од регионалните медиуми, иако треба да се има голема резерва во сѐ што го пишуваат за Македонија српските и албанските медиуми, првиот заклучок е дека „линијата на огнот“ е активирана и дека за нејзино гаснење ќе треба да се дадат сериозни жртви.
Се разбира, во нашата реалност не треба да очекуваме сценарио од американски филм во кој пожарникарите го даваат животот за спас на граѓаните, туку, напротив, пожарникарите што диригираат оддалеку прво ќе се обидат со локални ресурси, односно со локални жртви да ги згаснат огновите на Кери. Конкретно во битката меѓу САД и Русија, која очигледно трае во нашиот атар, како први жртви паднаа македонските закони, собранискиот деловник и уставните процедури. Кој е наредниот чекор и што сѐ се подготвени големите сили да вметнат во играта како колатерални жртви не знае никој од нас.
Македонскиот дел од пеколот само мал дел од општата слика
Секој што малку подобро е упатен знае дека начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ во последната деценија, и покрај сите обвиненија, пропусти и грешки, не може да биде доволна причина за речиси насилно уривање на уставниот поредок и на целокупниот политички систем од страна на нашите стратешки партнери ЕУ и НАТО. Ако истата матрица беше употребена, пред сѐ, во Албанија, Црна Гора, но и во Србија, тогаш ќе можевме да разбереме дека Западот решил да се пресмета со сите демократски аномалии на Балканот и соочени со принципиелна операција ќе немавме многу простор за развивање какви било теории, најмалку конспиративни. Но, ако гледаме дека Еди Рама се заканува со војна и со менување на границите кои, според изјавите на десетици европски и американски претставници, се светост, а притоа никој не му одговори јасно и остро како што треба со насилник, работите се во најмала рака чудни.
Главниот страв кај секој нормален граѓанин е дека Македонија е дел од глобалната разврска за зоните на влијание на големите сили. „Огнот на Кери“ и „интересот на Москва“ за нашата состојба е објективна причина за страв, особено во ситуација кога САД и Русија се во фаза „топло – ладно“, кога сѐ уште не се знае дали во САД ќе победи политиката на Трамп за подобрување на односите со Русија и истовремено покажување мускули пред домашната јавност или струјата на неоконзервативците, кои имаат доволно идеолошки и бизнис причини за конфликт со Русија, која по интервенцијата во Сирија се обидува да ги промени границите на нејзината, пред сѐ, дипломатска моќ.
САД со предност пред Русија
За разлика од Русија, која на западно-балканскиот жежок терен има само вербална кампања, комбинација од свои медиуми и социјални мрежи, и емотивна, пред сѐ, носталгична поддршка од луѓето што сметат дека православните врски и сеќавањата на големата Црвена армија се доволни за реално партнерство, Вашингтон е во подобра позиција. САД во регионот имаат партнер што е подготвен на сѐ, а албанскиот партнер на Вашингтон во Албанија, Косово и во Македонија не е под контрола затоа што постои љубов меѓу нив, туку затоа што знае дека соработката со Белата куќа секогаш досега носела бенефиции.
И тука не е важно дали е тоа прием во НАТО за Тирана, дали е тоа создавање втора албанска држава на Косово или добивање статус на конститутивен народ во Македонија за Албанците, кои се меѓу 17 и 25 проценти од населението. Поважно е дека Албанците, Косовците и македонските Албанци, кои по бројност се меѓу водечките групи во светот што даваат борци за ИСИС (чијашто идеологија е заснова на омраза и уништување на САД), ќе направат сѐ што е потребно затоа што со тоа, пред сѐ, ќе ги исполнат своите национални планови.
Интересите на Албанците и на САД се совпаѓаат!
Плановите на Албанците и на САД во моментов, како и многупати претходно, се совпаѓаат. Припојувањето на Јужна Србија кон Косово и подоцна кон Голема Албанија, за која се залага Еди Рама, е на линија на американските интереси. Со влезот на Прешево, Бујановац и Медвеѓа во Голема Албанија се задоволуваат етничките аспирации на Албанците презентирани во Призренските лиги, а во исто време се пресекува еден од ретките начини на кои Русија преку Србија може да излезе на топли мориња. Со влезот на Црна Гора во НАТО, односно со елиминирањето на огромниот руски капитал и влијание во земјата на Ѓукановиќ, САД остварија огромна победа во продолжението на Студената војна. Доколку сценаријата за нова балканска војна, во која цел ќе биде Прешевската Долина формално да се припои кон албанските простори, се вистините, можеме да ги најдеме и дел од одговорите за кризата во Македонија иако за голем дел од причините и самите сме виновни.
Ќе седи ли мадро Русија?
Ако се следи матрицата на конфликтот што глобално се води меѓу САД и Русија, Москва преку Белград никогаш нема да дозволи втор пораз за краток период, а тој да се случи во ист регион. По губењето на Црна Гора од својата зона на влијание Путин ќе стори сѐ за да го обели образот, особено кога не е во прашање само имиџ туку и многу важен меѓународен коридор, кој со автопат ги поврзува Унгарија и солунското пристаниште, а постои можност наскоро со кинески пари преку него да минува и модерна супербрза железница која, пред сѐ, ќе се користи за транспорт на кинески производи до Европа. На тие што следат колку администрацијата на Трамп е лута на Германија за нејзините трговски позиции треба да им е јасно зошто и ЕУ и САД ќе направат сѐ за да елиминираат уште еден канал преку кој Кина како главен трговски ривал на Западот ќе ги урива европските и американските производители.
Македонија може само да чека и да се надева
За жал, Македонија во моментов нема моќ ниту да се огради од овие процеси, со прогласување некаква неутралност по примерот на Австрија и Швајцарија, а по фијаското со спроведувањето на пресудата на Светскиот суд на правдата во Хаг нема ниту желба да повика на принципиелност во спроведувањето на меѓународното право и принципи утврдени со повелбата на Обединетите нации.
Единствената надеж на Македонија во моментов се САД и Русија на глобален план да постигнат некаков договор за ненапаѓање и со тоа да добиеме неколку години или децении мир и стабилност, во кои ќе се обидеме државата од речиси бинационална да ја претвориме во граѓанска.
(Текст објавен во 245. број на неделникот Република, 12.05.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.