| четврток, 6 декември 2018 |

Забраната за лаптопи во авион може да се прошири на летови од Европа

Во март годинава, по указ на претседателот на САД, Доналд Трамп, беше воведена забрана за носење електронски уреди на летовите кон САД за патниците од осум земји од Африка и Блискиот Исток. Како причина беше наведена опасноста по безбедноста на земјата.

Според агенцијата „Ројтерс“, забраната наскоро би можело да се прошири и на летови од Европа кон САД.

Тоа ќе значи дека сите електронски уреди поголеми од смартфон, како лаптопи, таблети, е-читачи и слично нема да може да се носат во рачен багаж и ќе мора да се пријавуваат.

Авиокомпаниите како „Емирати“, „Ројал Јордан“, „Катар ерлајнс“ и други што летаат меѓу САД и осумте земји првично засегнати со забраната, се соочуваат со новите правила веќе два месеца.

Велика Британија за кратко време потоа реши да го следи примерот на САД и воведе забрана за носење електронски уреди на некои летови.

„Ројтерс“ објави дека секретарот за внатрешна безбедност Џон Кели денес ќе ги информира сенаторите за „закани по домашната безбедност“, а тука спаѓаат и опасности поврзани со авиотранспортот.

Според неофицијална изјава од Министерството за внатрешна безбедност, можноста за ново проширување на забраната што ќе се однесува на летови од Европа „била разгледана“ и „ќе се донесе одлука согласно заканите по безбедноста“, а се додава дека „службата ќе прави измени, кои смета дека се неопходни за да ја одржи безбедноста на авиопатниците“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top