Јубилејните, 45-ти „Мајски оперски вечери“ почнаа спектакуларно! Во вистинската смисла на зборот. Новата македонска постановка на една од најпопуларните опери, „Травијата“ на Џузепе Верди, донесе иновативност, креативност, свежина, екстровертни и еротски сцени, врвна режија и што е најважно, фасцинантна главна улога.
Сопранот Ана Дурловски во насловната улога на куртизаната Виолета Валери блесна на сцената! Сосема очекувано, таа совршено се носеше со улогата која е сон за секој сопран и која важи за една од најкомплексните сопрански ролји. Во неа се преплетуваат колоратурен, лирски, дрмски глас, а Ана Дурловски одпочеток до крај не само што покажа палета од различни емоции, што на крајот предизвика овации, туку на плешки ја носеше целата претстава. Нејзината женственост пленеше, беше посебна во љубовните сцени мошне реално покажувајќи ја силната врска со нејзиниот партнер Алфред Жермон во чија улога пак, одлично се снајде младиот тенор Дарко Нешовски.
Навистина, Ана Дурловски никогаш не ја разочарала македонската публика, но овој пат толку очигледно беше нејзиното богато искуство што таа годиниве наназад го стекна на европските и светските сцени, играјќи во современи оперски продукции, што многубројната публика присутна во салонот на МОБ, ја остави без зборови! И останатите пејачи одлично се носеа со улогите – Борис Трајанов како таткото на Алфред – Жорж Жермон, Николина Јаневска како Флора, Александра Лазаровска како Анина, Владимир Саздовски како Барон Дуфол…
Она што остави посебна импресија, беше режијата на Верена Штојбер од Германија. Еротските сцени, баханалиите особено во првиот чин, голотијата, обидувајќи се да ја прикажат реално атмосферата во една јавна куќа, и воопшто, сета динамика до крајот во режиска и сценска смисла значеше иновативност за македонската оперска култура. Никогаш досега во Македонија не била поставена опера со експлицитна визура, што на некој начин, шокираше. Воодушевија и сценографијата и костимите на Софија Шнајдер од Германија, кореографијата на Саша Ефтимова и особено изведбата на оркестарот на МОБ под диригентската палка на маестро Џанлука Мартиненги од Италија.
Новата „Травијата“, за која долго ќе се зборува, е една современа бајка која ја допира денешната генерација љубители на операта, и затоа ќе има долг живот на сцената. И навистина, вреди да се погледне! Затоа што се работи за висока класа на продукција каква што се реализира на европските оперски сцени, нешто што одамна требаше да се направи и кај нас.