| четврток, 6 декември 2018 |

Легални се или не документите за избор на Талат, ќе понесе ли некој кривична одговорност?!

„Kој е документот што, покрај другото, покажува дека пратеникот Горан Мисовски е избран за заменик-претседавач на Kонститутивната седница на Собранието на Република Македонија на 27 април годинава, а ако такво нешто постои, врз основа на што тој ја водел наводната седница на 27 април, а не Трајко Вељановски?“, пишува Дневник.

Kој и како воопшто ја свикал новата седница откако претходната претседателот Трајко Вељановски ја затворил? Kој ги избрал претседавачот Ферид Мухиќ, а потоа и неговиот заменик? Одговори на овие прашања сè уште не се добиени и затоа изборот на Талат Џафери за нов претседател на парламентот сè уште не може да се смета за легален и законски. Но, и покрај тоа, во државниот „Службен весник на РМ“ вчера беше објавена одлуката за избор на Џафери, со што и овој незаконски избор стана официјален!? Со тоа земјава и нашата парламентарна демократија дојдоа во парадоксална ситуација со која е официјализиран изборот на нов претседател на Собранието врз основа на незаконски или подобро кажано непостојни документи за одржување на седницата.

Официјалното државно гласило, практично, го објави она што го доби од Собранието на РМ испратено како документ од страна на заменик-секретарот на Собранието, но кое – врз сето она што се случувало во тој четврток околу 18 часот – никако не може да се смета за легален правен акт. Со тоа сега се доаѓа во ситуација врз чија основа новиот претседател Талат Џафери може да презема одредени правни дејства, но врз основа на незаконскиот начин на избор. Во таква ситуација очекување треба да се очекува интервенција на Јавното обвинителство на РМ, кое треба да спречи една злоупотреба да создаде низа други. Оти со оглед на начинот како се случил изборот и очигледното прекршување на процедурите, тој избор не може да се смета за законски.

– На сите им е познато дека тоа попладне претседателот Трајко Вељановски официјално ја затворил редовната собраниска седница. Но, потоа пратениците од новото парламентарно мнозинство сами решија да одржат нова седница на која се случи изборот на Џафери. За с` да биде регуларно, и тогаш и сега треба да се одговори на следните прашања: кој ја закажал новата седница, која се случила веднаш по затворањето на претходната, има ли одлука дека таа е сосема нова или продолжение на претходната седница, како биле повикани сите пратеници, како е утврден дневниот ред, кои пратеници присуствувале, постои ли нејзин записник, постојат ли стенограмски забелешки, кој го избра Ферид Мухиќ за претседавач, а кој Горан Мисовски за заменик-претседавач на седницата, постои ли записник од гласањето, кој гласал „за“, кој – „против“, а кој „воздржано“, зошто немаше јавност во работата, потенцираат правните експерти со кои вчера се консултирал дневниот весник „Дневник“.

Овие прашања досега не добија одговор, а наместо правната разврска и поништувањето на таквиот незаконски избор, се призна изборот од претставниците на ЕУ и на САД,и беа испратени документите од страна на собранискиот заменик-секретар, кои, очигледно, ги немаа сите потребни придружни документи за да ја потврдат согласноста на тие документи со Деловникот на Собранието и со Уставот. Истовремено познато е дека досегашниот собраниски претседател Трајко Вељановски го ослободи својот претседателски кабинет за во него да влезе Талат Џафери.

sobranie nemiri 27 04 2017 (11)

Во одлуката што вчера ја објави „Службениот весник на РМ“ е наведено дека таа е втемелена на член 67 став 1 од Уставот на РМ и член 21 став 1 од Деловникот на Собранието на РМ, кој само предвидува дека „Собранието од редот на пратениците избира претседател и потпретседатели на Собранието“. Во првиот став од одлуката е наведено дека Џафери се избира за претседател на Собранието, а во вториот дека одлуката стапува во сила со денот на донесувањето.

-Добро е што одлуката е објавена во службеното гласило за сега да може таа и официјално да се оспори пред Уставниот суд. Ако сакаме да се врати владеењето на правото, тоа мора да се направи. Одлуката мора да биде поништена и целата постапка да се врати во парламентот. А како потоа ќе продолжи седницата е работа на договор. Не е спорно дека постои мнозинство за избор. Оти ако ова продолжи, следно што ќе ни се случи ќе биде нерегуларен избор на владата и ние ќе влеземе во зона на правниот самрак во земјава – изјави вчера Тања Kаракамишева, универзитетски професор.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера за „Дневник“ изјавиле дека тие своите следни потези ќе ги објават во наредните денови.

– За нас тој избор е целосно незаконски и нелегален и ние не го признаваме – рекле од партијата.

Цуцуловски: Експерти да ја испитаат нелегалноста на изборот на Џафери

Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски, пак, вчера повика на формирање посебен експертски тим, кој треба да ја испита регуларноста на изборот на Талат Џафери.

– Она што им преостанува на опозициските партии од Република Македонија е заеднички да се мобилизираат и на професионален начин да формираат тим од врвни домашни и странски експерти, чија примарна задача би била да ги истражат сите легални и нелегални аспекти од примопредавањето („примопредавањето“) на власта во Собранието – особено во врска со најстариот пратеник на Собранието, кој со нескриена радост ја прифати таа улога. Впрочем, Ферид Мухиќ досега прифати многу улоги, кои се меѓусебно неспојливи – напиша тој на својот профил на „Фејсбук“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top