| четврток, 6 декември 2018 |

Прекршувањето на Уставот и евакуацијата на луѓето во Собранието

akt244-sobranie-sds-glasa-740x320

Kако да се опише најлошиот ден во македонската парламентарна историја? Што да се каже, кои заклучоци да се изведат и како да се оди понатаму? Тој 27 април се случија две крупни, лоши, катастрофални работи. Се случи досега незабележан и целосно нелегален „избор“ за „претседател“ на Собранието, надвор од сите процедури, како и досега невидено насилство, тепање и бруталност врз пратеници во независна Македонија – пишува пратеникот Влатко Ѓорчев во својата колумна во “Дневник“.

Тој додава:

Двете работи се катастрофални, за осуда, со тешки последици врз политичкиот процес. Тој тежок ден бев во Собранието, како личен сведок на многу настани коишто се случуваа тој ден. Еве некој хронолошки ред, како краток пресек.

Седницата редовно заврши во 18 часот, но пратениците на СДСМ, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците не ја напуштаа салата по официјалното завршување. Под водството на СДСМ, се одржа некаква „седница“, надвор од сите правила и закони.

akt244-sobranie-sds-glasa-2

Немаше покани за нивната „седница“, немаше стенограм, никому не му дадоа збор, никој не го утврди кворумот, никој не ги преброја гласовите, никој не направи записник. Повредени и прекршени се 30 членови од Деловникот за работа на Собранието, кој е базиран врз Уставот на Република Македонија.

„Седницата“ не ја водеше ниту легитимниот претседавач Трајко Велјаноски, ниту најстариот пратеник Бранко Манојловски, кој беше во салата. На пратениците не им се даде можност да предложат друг кандидат, ниту да земат збор. Не се затвори дискусијата по третата точка од дневниот ред, а се прејде на четвртата.

sobranie nemiri 27 04 2017 (13)

Следуваше обраќањето на Талат Џафери, кое никој не го слушна, ниту го разбра. Немаше превод од албански на македонски. Немаше процедури, немаше правила, само сопствената намера да се спроведе до крај, по секоја цена.

По тоа следуваше влегувањето на граѓаните во Собранието и пленарната сала. Влегоа илјадници граѓани, а пленарната сала брзо се наполни. Беше јасно дека целата работа нема да заврши за 5 или 10 минути. Отидов во мојата канцеларија на првиот кат.

sobranie nemiri 27 04 2017 (26)

По некое време почнаа да се слушаат врискотници. Беше јасно дека се случува нешто лошо, дека има некакво насилство и дека состојбата ескалира. Излегов од мојата канцеларија и тргнав натаму.

Состојбата беше хаотична, луѓе на сите страни, трчање и викање. Туркање и тепање. Се слушна истрел од пиштол. Никој не можеше да знае дали веќе има жртви или колку луѓе се повредени.

Решив да се обидам да ја смирам состојбата. Да спречам уште поголем инцидент или потенцијална трагедија. Да помогнам на луѓе кои се нападнати. Да помогнам на луѓе кои се нападнати и повредени, а повеќемина веќе видливо крвавеа.

Не беше лесно. Имаше голема, огромна тензија. Имаше многу луѓе во салата, се слушаа тешки, тешки зборови. Застанав пред пратениците кои беа нападнати, со апели и молби за смирување. Со своите тело и раце да спречам уште повеќе луѓе да бидат нападнати, а повредите да бидат уште поголеми.

sobranie nemiri 27 04 2017 (32)

Така беше неколку минути, но знаев дека сам нема да можам да издржам, дека се потребни повеќе луѓе да застанат до мене, за да се смири состојбата и да се заштитат нападнатите.

Kого било што го знаев, го замолував да дојде до мене, да застане до мене и заедно да бидеме „кордон“ што ќе спречи ескалација и уште поголеми последици. И, навистина дојдоа повеќе луѓе, од новинари, преку обични луѓе кои во тој момент имаа студена глава и решија да спречат уште поголема трагедија. Лично помогнаа новинарите Бранко Ѓорѓевски од „Дневник“ и Горан Трпеновски кој порано беше во „Вест“. Тоа траеше некаде околу 45-60 минути.

Следуваше интервенцијата на полицијата. Салата се наполни со многу чад. Беше тешко да се дише. Не се знаеше дали има пожар или се работи „само“ за шок- бомби или чадни бомби. Не се знаеше дали има солзавец или други хемиски супстанции. Не се знаеше дали ќе има кислород.

Истрчав надвор од салата за да проверам дали може безбедно да се излезе. Собраниската зграда добро ја познавам, со сите можни ходници, премини, врати и скали. Дојдов до ходниците и ги замолив полицајците и останатите да ги отворат вратите и прозорците на првиот кат, за да влезе воздух, да дојде воздухот до салата 3 каде што беа пратениците, а којашто нема прозорци затоа што е во внатрешниот дел на собраниската зграда.

sobranie nemiri 27 04 2017 (36)

Се вратив во салата 3. Сè уште имаше многу чад. Им реков на присутните дека безбедно може да се излезе и преку фоајето ги поведов кон ходниците. Таму беше мојата канцеларија и влеговме таму. Можеше да се здивне, да им се помогне на луѓето. Го најдов бифето и се вратив со неколку пакети вода за пиење.

Но, низ целата огромна зграда на Собранието сè уште имаше луѓе на коишто требаше да им се помогне, да се најдат, да се донесат на безбедно. Вработени, службеници, новинари, граѓани, други пратеници. Во салата 4 најдов уште новинари, а потоа и вработени во Собранието. Ги однесов во соседната канцеларија.

Штом ќе дојдеше информација дека во некоја канцеларија има луѓе, трчавме таму, ги носевме на безбедно. Трчавме на првиот, вториот и третиот кат, ги носевме луѓето на првиот кат каде што веќе дојдоа медицински екипи. Заедно со Артан Груби го пренесовме на сигурно Бранко Манојловски. Не беше важно кој од која партија е или која националност е, туку беше важно да се помогне и да се смири состојбата. Најдовме пратеници од СДСМ и од другите партии.

sobranie nemiri 27 04 2017 (37)

Заедно со Никола Тодоров, со полицајци и со медицинска екипа трчавме до третиот кат каде што беше најтешко повредениот пратеник Зијадин Села. Помогнаа медицинските лица, интервенираа, па следуваше неговата евакуација во собраниското бифе. Од таму требаше да се евакуираат во болница најтешко повредените. Требаше да се почека да дојдат возила до гаражата.

Не беше можно да се излезе преку најблискиот излез, па појдовме до гаражата преку тесните скали кои преку подрумот водат до гаражата, а на другата страна се собраниската кујна и ресторанот. Најтешко повредените се евакуираа во болниците.

Полицајците ме прашуваа како да се дојде и најде некоја канцеларија според бројката. Ги знаев бројките, па трчавме до тие канцеларии, ги земавме луѓето и ги носевме на безбедно на првиот кат.

Тогаш почна евакуацијата на мојата канцеларија. Преку тесните скали и ходниците, преку подрумот до гаражата. Луѓето заминаа на безбедно, состојбите се смирија. Не знаев што се случува околу, но јасно беше изминатите часови беа жестоки и во Собранието, и надвор од него.

Се вратив во мојата канцеларија, којашто тогаш беше празна. Длабоко воздивнав и се надевав дека нема да има загинати. Имаше многу повредени. И полицајци, и граѓани, и пратеници и вработени во Собранието. Тоа беше тежок ден и тешка ноќ за цела Македонија. Настрадаа луѓе, но настрадаа Уставот и Деловникот преку нелегалниот избор.

skopje-protest-19

Се случи голема трагедија. Но, можеше да биде и уште полошо, со многу потешки и полоши последици.

На крајот, им благодарам на сите кои реагираа како луѓе, без разлика дали се вработени во Собранието, медицински екипи, граѓани, полицајци или новинари кои имаа студена глава таа вечер. Им благодарам на сите што помагаа да се смири ситуацијата и коишто помагаа на сите повредени, од сите страни.

Македонија ќе мора да најде начин да ги помине и овие премрежја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top