| четврток, 6 декември 2018 |

Соколите го добија продолжението од мечот и направија брејк против Работнички

sokoli

Екипата на Карпош Соколи со победа го отвори плејофот во македонската кошаркарска лига откако во „Градски парк“ со 77-76 славеше над Работнички.

Мечот беше прекинат синоќа при резултат 60-67 поради тоа што публиката маваше со тврди предмети кон судиите, а делегатот одлучи последните 10 минути да се доиграат денес. Во суперинтересни десет минути, како победници излегоа „соколите“ кои успеаја да направат брејк во пенал-завршница.

Во последните десет минути од мечот Работнички влезе со негатива од седум поени (60-67). Со тројка на Бојан Трајковски, „соколите“ успеаја да поведат дури и двоцифрено (60-70), но искусниот тим на Марин Докузовски не се предаде, па со серија од 11-0 го сврте резултатот во своја полза (71-70). Во пресвртот одличен беше Димче Тасовски, но и Ѓорѓи Чековски, кој лавовски се бореше под обрачот и изнуди неколку прекршоци кои преку слободни удари ги претвори во поени.

Црната низа на гостинот од Карпош ја прекина Шепа, со тројка на 2.49 минути до крајот, за 72-73, но Мираковски возврати во иста мера, па донесе предност за домаќинот од 75-73. Во последните две минути се влезе со изедначен резултат (75-75), а во пенал-завршницата поуспешна беше екипата на Карпош Соколи која успеа да слави со 76-77. Победата ја одлучи едното промашување на Ѓорѓи Чековски на 30 секунди до крајот.

Најдобар поентер во победничкиот состав беше Бојан Трајковски со 17 поени, а го следеше Лабовиќ со 16 поени. Кај Работнички прво име беше Тасовски со 19 поени, а Мираковски уфрли уште 17 поени. Второто полуфинале од серијата меѓу Карпош Соколи и Работнички се игра утревечер од 18.00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top