| четврток, 6 декември 2018 |

Манифестација „Бесмртен полк“ во сеќавање на Денот на победата над фашизмот

wwwwАмбасадата на Руската Федерација во Република Македонија денеска на плоштад „Македонија” во Скопје заедно со здруженијата на руски сонародници во Македонија ќе ја одржи манифестација „Бесмртен полк“, со која ќе започнат активностите за одбележувањето на Денот на победата над фашизмот – 9 Мај.

Како што соопшти Руската амбасада, предвидено е на плоштадот во центарот на Скопје да се постави „Ѕид на сеќавање“ на кој ќе бидат претставени портрети на учесници во антифашистичкото движење.

„Секој човек без разлика на државјанство и верска припадност може да дојде на плоштадот денеска во 18 часот и да го закачи портретот на својот херој на „Ѕидот на сеќавање“ на самото место“, се наведува во соопштението.

Според Руската амбасада, „Бесмртен полк“ е доброволна граѓанска иницијатива, која има цел во секое семејство да бидат зачувани сеќавања на генерацијата која го победила фашизмот. Првпат, акцијата „Бесмртен полк“ е одржана во Томск на 9 мај 2012 година, кога во поворката на „Бесмртниот полк“ учествувале над шест илјади жители на овој сибирски град со речиси 2.000 портрети на членовите на нивните семејства, некогашни учесници на Големата татковинска војна.

По мај 2012 година, ова волонтерско движење почнува да добива национален, но и меѓународен карактер за во 2015 година, да се претвори во еден од клучните настани во рамки на прославата на 70-годишнината на Победата со учество на околу 12 милиони луѓе во над 20 земји ширум светот, вклучувајќи ги САД, Германија, Австрија, Австралија, Норвешка, Франција, Ирска, Чешка, Јужна Кореја.

Согласно програмските активности, утре во Битола, пак, ќе се одржи свечен концерт на руските сонародници „Еден ден на Војната“.

На 9 мај Амбасадата организира полагање венци пред Споменикот на загинатите партизани кај хидроцентралата „Матка“ во Скопје. Истиот ден во 19 часот во Кинотеката на Македонија со проекцијата на „28 Панфиловци“(2016), филм од најновата руска продукција во режија на Ким Дружинин и Андреј Шалопа ќе биде отворена „Неделата на рускиот филм“ посветена на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот.

Проекциите ќе се одвиваат до 13 мај во кој период публиката ќе може да проследи уште четири наслови од кинотечкиот фонд на Русија посветени на темата на Татковинската војна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top