| четврток, 6 декември 2018 |

Возел пребрзо и без возачка: Maлолетник прати маж во болница, повредениот во лоша состојба

Седумдесетгодишник е тешко повреден и пренесен на скопските клиники по сообраќајната несреќа што се случила на мостот во близина на гостиварската кланица. Првично, несреќата ја предизвикал малолетник кој возел пребрзо по улицата.

Според СВР Тетово, сообраќајната несреќа се случила во 14.30 часот на улицата „Беличица“ на мостот преку Вардар. Во гостиварецот Р.И. (70) кој управувал мотоцикл со приколка, удрило возило „опел вектра“ управувано од 16-годишник од Долна Бањица.

Мотоциклистот набрзо е пренесен во гостиварската болница од каде како итен случај е пренесен во една од скопските клиники.

Од СВР Тетово информираат дека на местото на настанот се уште се врши увид, по што ќе биде појасно како дошло до несреќата.

Портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски нагласува дека појавата управување моторно возило без дозвола во полошкиот регион има нагорен тренд и добива загрижувачки размери.

– За разлика од минатите години кога имаше под илјада пријави, лани во Полошко биле откриени 2.726 случаи. Само во април годинава во Гостиварско откриени се 115 лица кои кои ги управувале возилата без положен возачки испит и адекватна, валидна дозвола за тоа, рече Јосифоски.

Фото:архива

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top