| четврток, 6 декември 2018 |

Доставени 59 апликации на четвртиот повик на Фондот за иновации

Педесет и девет апликации за финансирање проекти на компаниите за реализирање иновативни решенија се пристигнати на четвртиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој со кој се доделуваат 1.450.000 евра. Најголем дел, речиси половина од предлог проектите, се во областа информатички и комуникациски технологии. Има апликации и за медицина, фитнес, велосипедизам, дизајн, земјоделство, маркетикнг, видео продукција, прехранбена индустрија и градежништво.

– Триесет и една апликација се за старт ап претпријатија, а 28 за комерцијализација на иновации. Планирано е да поддржиме 15 „старт ап“ претпријатија со вкупно 450.000 евра, односно по 30.000 евра од проект. За комерцијализација на иновации се планира да се доделат 10 гранта, до 100.000 евра по проект, или вкупно милион евра, изјави денеска директорката на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска.

Таа најави дека Комитетот за одобрување инвестиции до крајот на јули ќе одлучи кој ќе добие финансии, а на почетокот на септември се очекува да бидат потпишани договорите за кофинансирање и да почне реализицијата на проектите.

Ако документацијата не е целосна апликантите имаат рок од пет дена да ги достават потребните документи, по што Комитетот ќе направи претселекција и евалуација. – Оние што ќе бидат претселектирани ќе имаат можност да ги презентираат решенијата пред Комитетот и лично да го објаснат тоа што е иновативно, кој е пазарниот потенцијал, каков е тимот, дали има капацитет да го спроведе и да го извезе надвор од Македонија, што е и целта на овие инструменти-да генерираме поголем извоз и поголема конкурентност за бизнисот, рече Поповска.

Покрај иновативноста, прецизираше, критериуми за избор на проектите се и пазарниот потенцијал, капацитетот на менаџерскиот тим, соодветност на предвидените трошоци, односно целокупниот квалитет на проектот.

Компаниите имаа можност во изминатите 90 дена да достават апликации на четвртиот повик со кој се доделуваат кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „стар ап“ и „спин оф“ и кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации.

Со претходните повици Фондот поддржа 36 проекти, од кои, како што рече Поповска, голем дел се успешни и се активни на пазарот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top