| четврток, 6 декември 2018 |

Повелба на Република Македонија за РСБСП

За исклучителниот придонес во подобрувањето на безбедноста на сите учесници во сообраќајот на патиштата, како и за унапредувањето и развивањето на сообраќајното образование, култура и етика претседателот на државата Ѓорге Иванов денеска на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата му додели Повелба на Република Македонија.

На свеченоста во претседателската резиденција, на која присуствуваа голем број гости од различни институции, Иванов истакна дека не може да не забележиме оти од година во година задачата на Републичкиот совет за безбедност на патиштата станува се посложена поради бројни фактори како што се зголемен број возила на патиштата, несовесно користење на современите технологии, особено мобилните телефони за време на возењето, но и како што посочи, политичките кризи, неизвесноста и непредвидливоста кои ги изложуваат граѓаните на постојан стрес.

– Собрани заедно овие фактори го намалија трпението и почитувањето на сообраќајните правила и го зголемија бројот на сообраќајни несреќи кои за жал станаа наше секојдневие. Секое утро се будиме со статистики за тоа колку несреќи имало во претходниот ден. Само во 2013 година дневно во просек имало по 11 тешки сообраќајни незгоди. Во таа фатална година секоја десетта жртва била дете. Годишно во РМ меѓу 160 и 170 лица ги губат животите во сообраќајни несреќи. Бројот на повредените е многупати поголем. Тоа се многу предвреме прекинати животи, неискористени можности и неостварени соништа. Тоа е голема загуба за семејството, за општеството и за државата – рече Иванов.

Во насока на остварување на крајната цел во дејствувањето на Републичкиот совет, а тоа е заштитата на човечкиот живот, Иванов истакна дека оваа Повелба за РСБСП која годинава одбележува 55 години од формирањето, е и обврска да продолжи да ја развива сообраќајната култура и етика.

– Ниту нови патишта, ниту нови закони, ниту повисоки казни и постоги санкции сами по себе нема да ја намалат смртноста ако истовремено не работиме на развивање на сообраќајната култура и етика.Таа култура и етика треба да се гради и пренесува преку семејствата, училиштата, автошколите се додека не прерасне во општо прифатена општествена навика. Сите ние треба да работиме на создавањето на таа навика – рече Иванов потсетувајќи на неговиот говор од минатата година на отворањето на Регионалната конференција за безбедност

Но, за тоа, додаде, неопходен е еднаков третман на сите пред законите. Потребна е, рече, соработка во рамки на системот, ангажирање на јавниот и на приватниот сектор, осигурителните компании, академската заедница, цивилното општетство и медиумите. – Само така ќе изградиме безбедност во сообраќајот – истакна претседателот Иванов.

Претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски заблагодарувајќи се истакна дека признанието, претставува заслуга на сите кои изминатите 55 години се вложиле во работата на Советот, а тоа е унапредување на сообраќајното превентивно дејствување во РМ и намалување на бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди.

– Признанието „Повелба на Република Македонија“ не прави особено горди, затоа што ја отсликува нашата определба секогаш да се стремиме кон најдоброто, но истовремено да придонесеме и за доброто на зедницата кон која припаѓаме. Денес на овој важен ден на нашата институција можам да ветам дека РСБСП во иднина ќе работи уште помотивирано со една цел – одговорни возачи, безбедни патишта и сообраќај без жртви – рече Стаменковски.

Републичкиот совет за безбедноста на сообраќајот на патиштата е советодавно тело на Собранието на Република Македонија. Формиран е во 1962 година како посебно стручно тело во тогашниот Државен секретаријат за внатрешни работи. Во текот на своето долгогодишно дејствување, РСБСП прерасна во едно од водечките тела во државата, кој покрај основните задачи за унапредување и за развивање на сообраќајното образование, воспитание, култура и етика, е и еден од главните иницијатори за спроведување мерки за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата и координатор при дејствувањето на повеќе надлежни субјекти при нивното спроведување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top