Швајцарската Федерална разузнавачка служба не сакаше конкретно да го коментира случајот на Швајцарецот Даниел М. кој во петокот беше уапсен во Германија.
Имено, 54-годишниот Швајцарец бил уапсен во Германија под сомнение дека шпионирал германски финансиски истражители вклучени во купувањето на дискови со податоци на лица кои што избегнуваат плаќање на даноци со тоа што ги префрлаат парите во Швајцарија.
„Кога некој во Швајцарија користи илегални методи да украде државни или бизнис тајни, тоа е шпионажа и ние имаме единица која се бори против тоа“, изјави директорот на швајцарската Федерална разузнавачка служба (ФИС), Маркус Зајлер пред новинарите на прес-конференцијата во Берн.
„Зајлер изјави дека „ФИС“ се активни во земјата и во странство, по што бил запрашан дали тоа значи дека агентите се активни и во Германија. „Едноставно нема ништо повеќе да кажам“, одговори првиот човек на „ФИС“.
Извор од германската Влада открил дека во Берлин, министерот за надворешни работи на Германија, Игмар Габријел побарал од швајцарската амбасадорка Кристин Шранер Бургенер да ги објасни последните случувања „во интерес на германско-швајцарското пријателство“.
Тој извор открил дека заменикот на Габријел, Валтер Линднер вчера ја примил амбасадорката и побарал информација за шпионскиот случај, но не навел никакви детали во врска со тоа.
Германското обвинителство во петокот соопштило дека бил уапсен Швајцарец за кој што постоело сомнение дека своите шпионски активности во Германија ги започнал уште во 2012-та година.
„Федералната полиција исто така изврши претрес на неколку стамбени и бизнис објекти во и во подрачјето околу банкарскиот центар Франкфурт“, стои во соопштението.
Германски „Велт“ објави дека мисијата на мистериозниот Данијел М. била идентификација на германските даночни истражители кои што се вклучени во купување на дискови со податоци за „даночни измамници“, за кои што новинската агенција “AFP” пренесува дека веќе претходно ги загрозувале германско-швајцарските односи.
Откриено е дека неколку германски покраини од 2006-та година платиле милионски суми на анонимни извори за овие дискови, на кои што се наоѓале листи со сметките на државјани на Германци во Швајцарија и Лихтенштајн. Во текстот на „Велт“ пишува дека се верува дека Даниел М. работи за швајцарската разузнавачка служба и бил вработен во германскиот финансиски и банкарски сектор.
извор Точка.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.