| четврток, 6 декември 2018 |

Одлична програма, со десет претстави на 19. Фестивал на монодрама „Битола 2017“

Според селекторот на фестивалот, актерот Петар Мирчевски, на сцената ќе бидат изведени монодрами од светски познати автори како што се Достоевски, Марина Цветаева, Владимир Набоков, Владан Десница, како и најпознатиот македонски драматург Горан Стефановски

Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2017“ годинава за наградата „Гран при“ обезбеди 10 најнови монодрамски остварувања на актери од Естонија, Хрватска, Русија, Холандија, Полска, Израел, Словенија, Германија и од Македонија.

НУ Центар за култура-Битола, организатор и домаќин на фестивалот, е подготвен за најновото издание во кое ќе биде понудена програма во и надвор од конкуренција, силен натпревар и многу дружење меѓу актерите и публиката, најави денеска Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола.

– Од 5 до 9 мај ќе го славиме театарот, ќе ја славиме уметноста, се што е убаво во монодрамата. Програмата во официјалната конкуренција е одлична и има 10 претстави, а за најдобрата монодрама ќе одлучува интернационално жири предводено од режисерот Емре Ердем од Турција, а ќе му помагаат Полет Смит актерка од Холандија, Нина Мазур од Германија, Игор Џамбазов и Атила Клинче од Македонија. Според востановената традиција, на отворањето на фестивалот ќе биде изведена претставата „Брачна игра“ со Игор Џамбазов и Весна Петрушевска во главните улоги, а на затворањето во чест на наградените ќе биде приреден концерт на театарска музика од композиторот Горан Трајковски, истакна Димитровски.

Според селекторот на фестивалот, актерот Петар Мирчевски, на сцената ќе бидат изведени монодрами од светски познати автори како што се Достоевски, Марина Цветаева, Владимир Набоков, Владан Десница, како и најпознатиот македонски драматург Горан Стефановски.

– Фестивалот е се поквалитетен, а верувам дека догодина или во годината на јубилејот ќе има уште повеќе претстави. За жал, заради ограничено време за одржување на фестивалот, повеќе апликанти беа одбиени, но критериумот – висок квалитет беше единствен во изборот. Годинава во конкуренција се и две македонски монодрами, „Лолита“ која ќе ја изведе битолскиот актер Александар Димитровски и „Бог е жив“ која ќе ја изведе Драгана Босниќ, проект поддржан од Град Скопје е МНТ, истакна Мирчевски.

Интернационалниот фестивал на монодрама секоја година се одржува под покровителство на Министерството за култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top