Опасно е да се премине преку нелегалниот избор на пратеникот од ДУИ Талат Џафери за претседател на Собранието на РМ, оти, пред сè, не постои поддршка за него, но и ваквиот преседан би значел дека кој било, кога било би можел да ги крши Уставот и законите и да прави што сака, предупредува дел од професорската јавност, пишува Дневник.
За нив, признавањето на таканаречениот избор на Џафери за прв човек на законодавниот дом од меѓународната заедница, особено по посетата на претставникот од САД, Брајан Хојт Ји, не смее да значи и прифаќање на ситуацијата, затоа што се работи за избор надвор од процедурите. По изјавата на Хојт Ји, за дел од експертите и медиумите блиски со опозицијата, новиот претседател на Собранието е и останува Џафери.
Професорот на Факултетот за безбедност, Жидас Даскаловски, за „Дневник“ вели оти ваквиот избор е опасен преседан, кој ја впишува Македонија во земјите со нефункционални институции и нефункционална демократија.
– Изборот или, поточно, „изборот“ на Талат Џафери за претседател на Собранието е избрзан и опасен за демократијата и институционализмот чекор на т.н. парламентарно мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ применуваше демократски легитимна метода на одолговлекување, во САД позната како филибастер, со предолги и нетематски говори. Kога тие ќе завршеа изборот на Талат Џафери ќе беше легитимен, вака имаме ситуација каде што е спорно и колку пратеници воопшто го „гласале“ да не зборуваме за другите пропусти. Ваквиот избор е опасен преседан, кој повторно ја става Македонија во земјите со нефункционални институции и демократски поредок – објаснува Даскаловски.
Во насока на славењето на изјавата за признание на Хојт Ји, професорот нагласува дека никаква поддршка не може да значи легитимирање на изборот на Џафери. Тој ги повикува СДСМ да покажат државнички дух и да не ги разгоруваат поделбите меѓу луѓето.
– Никаква поддршка не може да го легитимира тој чекор, ниту во правна, ниту во политичка смисла ниту во колективното сеќавање на граѓаните. Потребно беше трпение за да дојде „живот“ во Македонија, како што беше слоганот на СДСМ. За доброто на целата држава е СДСМ да покаже државнички потези во управувањето со земјата без да ги разгорува страстите и поделбите, истото важи и за ВМРО-ДПМНЕ, но бидејќи мнозинството е кај Зоран Заев, одговорноста кај него е поголема – додава Даскаловски.
За разлика од него, професор Лазар Лазаров смета дека во овој момент нема да може ништо да се преземе. Неговата куса проценка е дека земјава нема да може да се спротивстави на поддршката на Џафери за претседател и порачува сега пратениците во Собранието преку дебатирање и гласање за идните предлози да не дозволат нови преседани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.