Земјите кои воведоа погранични контроли во шенген зоната поради емигрантската криза, Германија, Австрија, Данска и Норвешка, треба тие контроли да ги укинат до ноември годинава.
Ова го соопшти Европската комисија, неколку часа откако Шведска соопшти дека ќе ги укине контролите на личните документи на своите граници.
Австрија, Данска, Германија, Шведска и Норвешка, која не е членка на ЕУ, воведоа контроли на личните документи во 2015 година, во зоната која инаку се минува без пасоши, и им беше дозволено неколку пати да ги продолжуваат, пишува Франс прес.
Европската комисија соопшти денес дека сега ќе препорача само последно продолжување на контролите во траење од половина година, почнувајќи од средината на мај.
„Дојдено е времето да ги направиме последните корективни чекори за постепено да се вратиме на нормално функционирање на шенген зоната“, им изјави на новинарите комесарот на ЕУ за миграции Димитрис Аврамопулос, истакнувајќи дека тоа ќе биде последното продолжување.
Тој истакна дека шенгенот е „едно од најголемите достигнувања на европскиот проект и дека мора да се направи сѐ за таа зона да се заштити“, пренесува Ројтерс.
Објаснувајќи ја одлуката за последното продолжување, Аврамопулос кажа дека контролите на личните документи се „исклучителни, сразмерни и, како последно средство кон кое се прибегнува, предвидени за конкретно одреден период – во овој случај на максимални шест месеци“.
Шенген зоната опфаќа 22 земји членки на Евроспката Унија заедно со Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.