Пратеникот Антонио Милошоски на „Фејсбук“ објави дека неговите колеги од коалицијата „За подобра Македонија“ денеска во Собранието ги реафирмирале следниве позиции:
• Секој пратеник има мандат и должност да го почитува и штити Деловникот на Собранието, законите и Уставот на Република Македонија
• Ниедна политичка амбиција на политичар или на политичка партија не дава право за кршење на деловничката процедура како дел од демократијата во Собранието
• Обидот за избор на претседател на Собранието со кршење на Деловникот и на законите е нелегален и ниеден политички притисок не може да го покрие тоа
• За пратениците Мухиќ и Мисовски, кои презедоа неделовнички дејства и предизвикаа политичко насилство, ќе поднесеме кривични пријави до надлежните институции
• На Македонија во овие тешки и многу чувствителни моменти не ѝ е потребен нелегален претседател на Собранието, нелегална Влада и создавање тешки политички преседани со формирање паралелни институции спротивни на Уставот, кои можат да предизвикаат штетни и непоправливи последици
• Пратениците во Собранието имаат мандат од граѓаните, граѓаните се носители на суверенитетот во Република Македонија и нивниот став е најбитен, без разлика дали е изразен на избори или на демократски протести
• Ниту политичкото насилство, ниту физичкото насилство во Собранието не се за оправдување, ниту, пак, поради насилни поединци некој има право целиот мирољубив народ да го нарекува терористи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.