| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов категоричен: Платформата од Тирана не може да биде услов, ниту пак основа за формирање влада во Република Македонија

хојт

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска го прими Хојт Брајан Ји, заменик-помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави, информираат од кабинетот на претседателот.

На средбата се разговараше за новонастанатата политичка состојба и за можностите за нејзино надминување во согласност со Уставот и со законите на Република Македонија.

Македонскиот претседател го осудува секое политичко и физичко насилство во Република Македонија и истакна дека единствено преку дијалог мора да се бараат решенија.

Претседателот Иванов подвлече дека доколку постои вистинско лидерство од претседателите на парламентарните партии, правната и политичката пречка за определување на мандат за состав на Влада се надминливи, стои во соопштението од кабинетот на Иванов.

Македонскиот претседател побара од САД, како стратешки партнери на Република Македонија, да помогнат за пречките да се отстранат и да се овозможи парламентарното мнозинство да го добие мандатот.

Преседаните со кои се воведува практика, а нелегалното станува легално ги поткопува основните демократски принципи, рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов бара од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека „заедно со коалиционите партнери ќе дојдат и ќе обезбедат гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија“.

-Платформата од Тирана не може да биде услов ниту, пак, основа за формирање Влада во Република Македонија, констатираше македонскиот претседател.

Претседателот Иванов повика граѓаните да останат воздржани и трпеливи, затоа што постојат решенија кои треба да се донесат со разум и преку дијалог.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top