Две лица се тешко повредени вчера попладне во сообраќајна незгода меѓу патничко моторно возило „Дачија Логан“ со прилепски регистерски таблици управувано од В.П. (58) од Виница и автобус со кочански регистерски ознаки управувано од Љ.Г. (32) од село Спанчево, соопшти МВР.
По незгодата на лекарски преглед се јавиле двајцата возачи и 17 патници од автобусот, кај кои биле констатирани телесни повреди. Незгодата се случила на крстосницата од регионалниот пат Штип село Софилари и магистралниот пат Радовиш Штип Велес. Повредената Д.П. (54) од Виница, која била сопатничка од патничкото возило, имала фрактура на подлактица, кичма и карлица и по укажаната лекарска помош во Медицинскиот центар Штип, поради сериозноста на повредите била пренесена во Клиничкиот центар Скопје.
Кај возачот на патничкото возило, В.П. констатирана била тешка телесна повреда (фрактура на градна коска) и по укажаната лекарска помош бил пренесен на натамошно лекување во Клиничкиот центарСкопје. Увид на местото на настанот бил извршен од страна на увидна екипа од СВРШтип, а возачите биле алкотестирани и притоа не било констатирано присуство на алкохол во крвта. Се работи на целосно расчистување на случајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.