Законот за минимална плата ќе претрпи измени и ќе има нејзино зголемување за околу 20 отсто. Ова денеска го истакна министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими по работната средба со претставници на репрезентативните синдикати во Македонија.
Посочи дека станува збор за првични разговори меѓу претставниците на синдикатот и Министерството за зголемување на минималната плата.
– Она што првично утврдивме е дека има простор, има желба за зголемување на минималната плата и верувам дека во брзо време во дополнителните разговори со другите претставници на синдикатите, со КСС, со работодавачите, ќе најдеме заеднички модус, заедничко решение за зголемување на минималната плата за околу 20 проценти. Анализите кои беа направени од Министерството за труд и социјална политика и од Сојузот на синдикатите на Македонија се поклопуваат, рече Ибрахими.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Живко Митревски на сите работници им го честиташе 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот. Анализите, истакна, покажуваат дека има простор и можност да се продолжи оваа политика на зголемување на плати која ја реализиравме заедно со социјалните партнери, со Владата.
– Исто така овие анализи и сега покажуваат дека во најмала мерка 20 отсто може да оди веднаш зголемувањето на минималната плата. Тоа е една исклучителна радосна и значајна вест која сакаме да ја споделиме со нашето членство и со сите работници. Станува збор за многу сериозен одговорен пристап на сите социјални партнери и на Владата во делот на задоволување и на потребите, водејќи сметка и за реалните можности и на одделни сектори и сегменти кои може да рефлектираат и во делот на подобрувањето на таа социјална економска состојба, рече Митревски.
Овие првични разговори, посочи, ги завршуваме успешно, следат други чекори, разговори со другите социјални партнери, со работодавачите, со другите синдикати, со цел Владата да излезе со предлог во делот на измени и дополнувања на тој закон.
Нагласи дека разговарале и за другите делови од протоколот за социјален напредок, она што значи сигурност на работни места во делот на обезбедување поголема сигурност преку афирмацијата на пристапот за реализација на посигурни работни места односно работен однос на неопределено работно време.
– Она што е многу битно денес разговаравме и ќе продолжиме да разговараме за имплементирање на деловите од европскиот социјален модел. Република Македонија навистина направи низа напори досега заедно со Министерството да инкорпорира голем дел директиви од тоа европско законодавство, да имплементираме многу меѓународни стандарди. Сето ова вклучително и со платите и сите содржини од протоколот даваат можност да почнеме етапно да се подготвуваме да го реализираме она што значи принцип на европскиот социјален модел, истакна Митревски.
Одговарајќи на новинарско прашање кога ќе има зголемување на минималната плата на работниците, тој изрази надеж дека тоа ќе биде многу скоро.
– Не зависи се од нас. Гледате во каква политичка криза се наоѓа државата. Се надевам дека со смирувањето на состојбите веднаш ќе биде реализирано она што го договараме. Тука ненадминлива е и улогата на работодавачите и сакаме да го слушнеме и нивниот глас и доколку се сложат да биде и повеќе од 20 отсто и доколку има простор се разбира дека ќе одиме и со повисоко зголемување во текот на оваа година, додаде Митревски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.