Пентхаусот во кој живеела Марија Путин, најстарата ќерка на Владимир Путин, се продава за 2.850.000 долари, пишува Њусвик.
35-годишната ќерка на Путин со својот партнер неколку години живела во Ворсхотен, западна Холандија, а јавноста оваа информација ја дозна во 2013-та година кога холандскиот весник Де Телеграф објавил дека соседите ја гледале во локалните продавнички.
Пентхаусот на два ката, во кој живееле, е составен од 12 соби, од кои 6 се спални соби и се наоѓа на 8-миот кат. Има 700 метри квадратни и тераса на покривот од уште 150 метри квадратни.
Марија наводно ја напуштила Холандија во 2014-та година по авионската несреќа во источна Украина, која се препишува на руските сепаратисти. Путин никогаш не бил задоволен со фактот дека ќерка му ја напушта Русија, а неговите стравови се зголемиле кога бил откриен престојот на убавата русокоса.
-Холандските медиуми не само што ја загрозуваат безбедноста на своите граѓани, туку загрозија и член на семејството на лидерот на пријателска земја- изјави министерот за надворешни работа на Русија во 2013-та година, на една руска радио станица.
Уште во 2011-та година, Холандските медиуми ја откриле поврзаноста помеѓу најстарата ќерка на Путин со сопственикот на пентхаусот кој денес се продава, холандскиот бизнисмен Јорит Фасен, со кој наводно таа денес е во брак.
Фасен го привлече вниманието на јавноста кога беше нападнат во 2010-та година во Москва, кадешто бил заменик-претседател на една руска консултантска фирма, а го претепале телохранителите на рускиот банкар Матвеј Урин, по што тој и соработниците завршиле во затвор, а набрзо ја изгубил и лиценцата за пет од своите банки. Таквата брза и ригорозна казна за рускиот банкар го повлече прашањето за тоа кој е Фасен што е толку влијателен и значаен.
-Ако малку размислите за тоа како холандски државјанин може да биде толку влијателна и важна личност, само еден логичен одговор доаѓа на ум – тој е зет на некој многу моќен човек- изјавила новинарката Јулија Латинина, во декември 2010-та година на радио станицата Еко Моксва, на што нејзината колешка Олга Романова, додала дека веќе долго време кружат гласини дека тој е зетот на Владимир Путин.
Каде се наоѓаат денес најстарата ќерка на Путин и нејзиниот партнер не е познато, но минатата година Њу Тајмс објави дека тие се вратени во Русија и дека живеат во Москва.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.