| четврток, 6 декември 2018 |

МПЦ го прогласи за светец: Св. Кипријан настрада од муслимански разбојници на Велики четврток

manastir slepceМакедонската православна црква в недела на 30 април во манастирот во Слепче ќе го канонизира за нов светител Игуменот Кипријан Слепченски, кој пострадал маченички за православната вера. За овој Игумен македонската јавност дозна по истражувањата што ги направил Виктор Недески, теолог, асистент на Богословскиот факултет во Скопје и докторанд на Универзитетот Аристотел во Солун. Свети Киријан маченички пострадал во XVIII век, во 1780 година кога на Велики четврток бил нападнат манастирот.
-Житиен текст е составен врз основа на податоците од споменатиот запис во кој се опишува настанот кој се случил на Велики четврток во 1780 г.: свирепиот напад на манастирот, заробувањето, измачувањето на игуменот Кипријан и неговиот блажен крај. Особено е впечатлив и трогателен начинот на кој бил измачуван свети Кипријан. Тој бил горен со оган кој бил запален од манастирските свеќи, сè со цел бавно да страда, за на тој начин да се поколеба во верата и да се откаже од Христа. Меѓутоа свети Кипријан покажал цврста вера и надчовечко трпение, како што е опеано и во богослужбата, и ни најмалку не се поколебал во верата ниту кога бил удиран од мачителите, ниту, кога бил горен од пламенот на свеќите, но сето тоа смело го поднел, знаејќи дека за привремените страдања заради Христа, на небесата го очекува вечен и нераспадлив светителски венец. Впечатливо е тоа што ваквиот начин на мачење на светителот е видлив и на неговите сочувани мошти, вели теологот во интервјуто за Прес24.

sv kiprijan

Кој е всушност Кипријан Слепченски?

Преподобниот Кипријан најпрво бил монах, а потоа и игумен во Слепченскиот манастир. За неговото потекло нема податоци. Од податоците кои ни се достапни се гледа дека бил ревносен, пожртвуван и исполнителен монах кој покажувал особена грижа за духовниот живот во ова древно светилиште кое е еден од најголемите стожери на словенската книжевност во Македонија. Покрај тоа, монахот Кипријан покажувал и голема грижа за манастирскиот имот и вредните манастирски реликвии во едно особено тешко и кризно време каква што била втората половина на XVIII век. Како богољубив и родољубов пастир, Кипријан особено заблескал по неговиот избор за игумент на Слепченскиот манастир. Својата пожртвуваност за Бога и ближните ја покажал особено во пролетта во 1780 г. кога манастирот бил нападнат од група разбојници муслимани од околината на Корча, денес во Албанија. Разбојниците го ограбиле и опустошиле манастирот, а игуменот Кипријан го мачеле, принудувајќи го да се откаже од Христовата вера. Останувајќи непоколеблив, тој им подлегнал на раните и го завршил својот земен живот.

Во манастирот Св. Јован Претеча во демирхисарското село Слепче утре ќе биде извршена канонизација (прогласување за светител) на Св. Кипријан Слепченски.

На службата ќе чиноначалствува aрхиепископот oхридски и mакедонски г.г. Стефан во сослужение на останатите митрополити и епископи на МПЦ – ОА, како и архимандрити, чесното свештенсатво и ѓаконство на помесната црква.

Одлуката на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА со која Св. Кипријан Слепченски се запишува во списокот на светите ќе биде соопштена во текот на Светата литургија која ќе започне околу 09 часот. Сите посетители ќе имаат можност да се поклонат на иконата на Св. Кипријан, за миропомазување и да добијат икона од светителот.

Од МПЦ – ОА информираат дека канонизацијата на Св. Кипријан кој на 30 април 1780 година маченички пострада за православната вера е првата свечена активност, во програмата за одбележување на 50 години од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top