Една слика, илјада зборови. Две, пак, прават патетична шарена прикаска, поверојатно бурлеска. Таков е случајот со овие фотографии на лидерите на новоформираната „Легија на честа“, сдсмовска контрабанда, која опозициските медиуми ја најавија со насушна желба и непресушна носталгија по реинкарнација на толку љубената шарена „револуција.“ Ги зезнаа сликите, на кои „од авион“ се гледа вљубеноста на „легионерите“ во ликот и делото на муртинскиот спасител и уништувач на самозамислени „режими“. Едноставно, зрачат од среќа и исполнетост при поздравот со него, а ракувањето безмерно ги исполнува и им ги грее душите легионерски. Небаре вистински месија допираат. И блажени се, за навек. Бујрум погледнете самите. Велат, ако „курир“ лаже, слика не лаже…
Спас од народ – Сдсмовска дигресија со легионери
Сардисани и вчудовидени од толку многу, настрана и убав, непокорен народ на улиците, идејата за некакво, какво и да е, во која и да е форма, колку и да е недоветно враќање на шарената глупост, којa им буди убави „молеро-бојадисувачки“ спомени, едноставно, им зазвучи толку прекрасно на напатените социјалдемократски уши. Знаете, гладна кокошка просо сонува, а безвласниот СДС без М и неговите поддржувачи измачени за моќ, заспиваат и се будат со фотелја во мислите. Упатените велат, им се присторувала и на јаве. Така ги преживувале и деновите во Собрание, водени од мислата за замислената фотелја, која никако да се материјализира. Секако, лоцирана на „Илинденска“. Да, преку глава им е од тие што се стационирани на „Павел Шатев“, макар биле и во Собрание.
Така, соочени со сопствената желба, која по цели, тешки 11 години пост, сега не може да се оствари само поради еден обичен и разбуден, строен македонски народ, фотелјољупците се најдоа на големи маки. Старите творци на дигресија потфрлија на големо. Не помогна Катица, Хан и Могерини им направија контрауслуга, Туск и Билд многу ги разочараа. „Чадорот“, пак, сега мора да се крие на ридот, затоа што тој од дома си има проблеми и му го следат секој чекор, па мора да се занимава со екологија и со донации.
Велат, беспомошно соочени со безидејноста, која толку добро им прилега, „синокрвните“ објавиле и интерен оглас за спас, чаре од народот, какво и да е. Знаете, во стилот на вестерн-потерниците „Се бара, живо или мртво ЧАРЕ за разбудениот народ. Награда 100.000 евра, па и повеќе. Аман!“
Разбудени од мирисот на парите, на помош им дојдоа стратези и јуришници, секогаш подготвените и „четири прста“ отворени за добивка, кои широко ја прегрнаа и ја протуркаа низ „професионалните“ медиумите (кои од зборот имаат само „про“ како прочадорџиски) „добрата“ идеја за воскреснување на шареноликите легионери. Како секогаш, чедото им излезе недоносено. Се тресеше гората, се роди „Легија на честа“…
Кога будењето и заедништвото ви пречат, ама многу…
И така, довчерашните шарени „револуционери“, одушевени и понесени од „успехот“ на сопствената глупост, чијшто резултат се стотици илјади евра штета од урнисаните фасади, искршена канцеларија и двајца „независни“ (од самостојно размислување) пратеници, „мудро“ смислија контраофанзива. Мислеле, мислеле и смислиле да „удрат“ по иницијативата „За заедничка Македонија“ со неверојатно добра и нова идеја. Верувале или не, легионерите ќе го уривале режимот. Ало, момци, фразата ви е евтина, потрошена и неколку години стара. Но за овие чеда шарени и така повторувањето е мајка на знаењето, па чуму да не се обидат повторно. Ја знаете онаа „стара финта, нова будала“. А за нив народот е секогаш тоа второто, будала, настрана немиен и прост, па зошто да не одат на испробан „фазон“. Макар бил и докажано неуспешен, будалест, идиотски. Другото бара инвентивност, размислување. Работа? Скраја да е…
Објаснувањето за името е уште подобро, се мотивирале од францускиот медал, најголемата воена награда. Можеби знаат и дека токму Наполеон во 1802 година го востановил, но натамошното објаснување им е повеќе од ветво. Настрана, нелогично. Еве што изнесоа легионерите во првото интервју:
– Да разјасниме од старт, да не бидeме пoгрешно разбрани. Ние не сме, ниту сакаме да бидеме радикални или милитантни. Меѓутоа, кога се работи за народот, што има помилитантно од тоа што народот сака да си ја брани својата држава и својата демократија? Никој не смее да ни го одземe правoто на протести и на изразување незадоволство! – изјави првиот центурион Зоран Димоски.
Искрено, не се сеќавам дека некој некогаш некому му одзел право на протест (иако требаше), а центурионот малку се замота со милитантноста и со парадоксалното објаснување за неа, но легионерите никогаш не биле по зборот, туку повеќе по освојувањето територии, најчесто туѓи. А овие да ти биле од домашно производство, по странска идеја, нели…
Зборот легија означува римска воена единица, најчесто составена од 3.000 до 5.000 војници. За жал на Димоски и на неговиот сатанистички заменик-центурион Југослав Петровски, шарената револуција немаше толку ни во „златните“ денови. Настрана што голем дел од нив одамна се разочараа од учеството во шарената глупоста, па пишуваа статуси, јавно кинеа фотографии од учеството во неа итн. Легија ниту за лек…
Милитаризмот како фетиш на стратезите на СДСМ за плашење народ
Другото значење на зборот легија е орда, толпа, глутница, банда. Посоодветно, нели. Дали тоа би била Заевата банда провокатори, создадена за да испровоцира судир со „За заедничка Македонија“? Ќе му дојдат ли напомош на Јовче Ременски и на Талат Џафери? Дали оваа орда Соросови платеници вљубени во СДСМ ќе има задача да создава тензии и да глуми „граѓани“, ролја што ја имаше и при шарената глупост во минатото? Имаат ли Заев и „чадорот“ останато некое евро за нови дневници по 20 евра од човек? Ова ли е најдоброто што им остана на „синокрвните“ неранимајковци и како мислат со оваа шареноглава глутница да им парираат на стотици илјади граѓани на улица, луѓе сплотени и со силна љубов кон единствената татковина, орни за чување на нејзината унитарност без никаква лична корист, кои излегуваат секој ден на македонските улици во одбрана на светите национални и државни обележја?
А дека легијата не е случајност и дека милитантноста им лежи на социјалдемократските стратези, доказ е големиот идиотизам за Јасен, новиот измислен команден центар на Иванов и на Груевски, од каде што, според недоветните соросоидни колеги, возљубени во сефот на Бејли, двајцата ќе командувале со војската што ќе се соочувала со народот на улица?! Замислете ја само македонската АРМ како убива сопствени граѓани?! Поголема глупост не сте чуле, нели, но тие ја тераат веќе два месеца. И никому ништо, лажат ли лажат, без срам и перде и си ја тераат прикаската злоупотребувајќи сѐ што ќе им „светне“ во одбрана на Заев и на тиранистите. Сѐ почна со вадењето војска на улица за спас на „фамилијата“, продолжија со Иванов, кој од Јасен ќе го командува апсењето на пучистите, лага што опасно им се допадна, па сега со сите ресурси и медиуми, силно и со елан ја протежираат прикаската. Непрокопсани будалаштини на извртени мрачни умови.
Знаете, такви се и сите нивни досегашни извртувања и прикаски за изнесени 5,5 милијарди, за 500.000 фантоми, за 620.000 иселени, за 200.000 украдени гласови и што ли не. Ах, да, лажни пасоши, уште полажни лични карти, кои се покажа дека ги печател нивниот Захир. Арно ама, „Фабриката за афери“ не згасна со затворањето на Чаушот. Јок, СДСМ, очигледно, има „голема“ среќа да има многу други Чауши во своите редови. Лажговци par excellence што би рекле вљубениците во француските зборови, медали, амбасади и грантови. Иако, не ги одбиваат ни другите амбасадорски азна. Од кал да е, странско да е, макар и легија, нели…
Само за потсетување, и во соседна Србија имаа грдо искуство со Легија. Се вика Мирослав Улемек…
Чилиманов: Ова е „легија на странците“, не на честа
Од целиот овој проект единствено што мислам дека е на место е употребата на изразот „легија”, вели новинарот Цветин Чилиманов, кој претпоставува дека организаторите на овој проект сакале да се поврзат со француската „Легија на честа“, но мисли дека јавноста многу поскоро и поправилно ќе го поврзе овој проект со таа другата француска легија, со „Легијата на странците“.
Чилиманов: И, навистина, од тоа малку што е досега е познато, нема ништо чесно или домашно во овој проект, туку се работи за одново активирање луѓе од некогашната обоена револуција, кои треба повторно да одработуваат за туѓи, странски интереси. Претпоставувам дека веќе и на најмалку упатениот набљудувач на политичките случувања му е јасно дека тоа што се случуваше во изминатите три години во Македонија е странско сценарио во кое македонските учесници се наемници, платени статисти, кои одработуваат за туѓи интереси, и затоа името легија (на странците) им прилега во целост.
Самиот збор легија ни доаѓа од времето на Рим, каде што означувал банда добро платени силеџии, обучени и дисциплинирани да не поставуваат никакви прашања туку без приговор да ги слушаат зададените наредби, со чијашто помош Римската Империја се соочувала со непослушните помали племиња и ги покорувала соседните држави. Откако освојувањето ќе било завршено и домородното население истребено или поробено, војниците од легијата вообичаено станувале колонизатори на новоосвоената територија. А кога не служела за поробување на нови народи, легијата била инструмент со кој римските генерали се пресметувале меѓу себе, во борбата за престолот.
Оттаму, повторувам, името на овој нов собир на активистите на СДСМ/Сорос е добро одбрано. Причината поради која СДСМ/Сорос ги мобилизира своите легионери, исто така, лесно може да се претпостави. Неочекувано, силниот отпор на македонските граѓани што се кренаа соочени со тиранската платформа заплетка многу конци и наруши многу планови. Во СДСМ/Сорос се свесни дека ја немаат потребната поддршка од јавноста, а притоа времето им истекува и надворешнополитичките услови стануваат сѐ потешки за нив. Од друга страна, потрошени се многу пари и дадени се многу ветувања на многу опасни луѓе. Групата радикални советници на Зоран Заев (центурионите) знаат дека единствена можност за политички опстанок им е во формирањето влада со сегашниот состав на Собранието, макар и со само 62 пратеника, и притоа со целосно распродавање на националните интереси. Тие го советуваат Заев да испровоцира, ако мора, и судири на улиците, но по секоја цена да го спроведе планот до крај.
Со овој потег, СДСМ/Сорос ја продолжува својата опасна игра и понатаму ја турка Македонија во поширок конфликт, кој гледаме дека желно се очекува во некои соседни и подалечни држави. Медиумски, основата на овој конфликт веќе е поставена со неколкунеделните обиди патриотските протести на македонските граѓани против тиранската платформа да се претстават како националистички (притоа се игнорира иконографијата на големите црвени знамиња и мапата на Голема Албанија под кои таа платформа беше потпишана). Провоцирање инциденти преку организирање легионерски контрапротести, за кои потоа ќе бидат обвинети мирните и достоинствени демонстранти на „За заедничка Македонија“, е еден од начините во кој СДСМ/Сорос гледа спас од оваа губитничка ситуација за нив.
Претпоставувам дека тоа е целта на повикувањето на најрадикалните, најнасилни и безумни следбеници од обоената револуција, веројатно засилени и со аукзилии (помошни сили, често странски платеници), за конечна пресметка со ова мало непокорно племе, кое, како во епизода на „Астерикс“, ѝ се спротистави на силата на легиите. Гледаме дека едно од барањата на оваа легија ќе биде ослободување на групата странски платеници, кои во 2015 година ја нападнаа Македонија во Куманово. Социјалните мрежи веднаш се наполнија со информации за криминалното минато и со потсетници за разулавеноста на лицата што сега се јавуваат како основачи на легијата на странците на СДСМ/Сорос. Локални криминалци и рекетари, уценувачи и хулигани, тоа е профилот на членовите на легијата, предводени од декларираниот сатанист Југослав Петровски, кој веројатно треба да даде некаква божем интелектуална тежина на целиот овој проект (или, уште поверојатно, никој друг веќе не се нафаќа да ги одработува плановите на СДСМ/Сорос, освен последните очајници).
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 243. број на неделникот „Република“, 28.4.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.