| четврток, 6 декември 2018 |

Четврт век НБРМ: Современа и почитувана банка, спремна за опстојување и справување со идните предизвици

Во Народната банка вечерва се одржа свеченост по повод 25-годишниот јубилеј од монетарното осамостојување на Република Македонија.

На денешен ден, пред точно 25 години, Собранието на Република Македонија ги донесе основните законски акти со кои се создадоа предуслови за осмислување и примена на самостојна монетарна политика од страна на Народна банка на Република Македонија, како монетарна власт на независна и суверена Македонија.
NBRM monetarno osamostojuvanje (7)

Веќе 25 години, Народната банка стои цврсто на заложбите за одржување на ценовната стабилност, како и за здрав и стабилен банкарски систем, што повратно придонесува за нејзиниот кредибилитет кај широката јавност. Шоковите со кои се имаме соочено низ времето стимулираа поголема флексибилност и ги зголемуваа видиците и способноста за понавремено делување и соочување со секоја следна непредвидена ситуација. Исто така, постојано се води сметка за јакнење на институционалниот капацитет во контекст на динамичното глобално окружување, трендовите во финансиската сфера и сѐ покомплексните задачи, истакна во пригодното обраќање гувернерот на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) Димитар Богов.

Централната банка, истакна Богов, има современ монетарен инструментариум, развиено макроекономско проектирање, современ систем на управување на девизните резерви, функционален и надграден (двовалутен) платен промет, богата статистичка база, развиена истражувачка активност, супервизија базирана врз ризици, современа банкарска регулатива согласно со базелските и европските барања, примена на стандарди во сите делови од работењето.

NBRM monetarno osamostojuvanje (9)

Со право може да се каже дека денес НБРМ ужива углед во централнобанкарските кругови. Воедно, политиките и мерките на Народната банка се позитивно оценети од меѓународните финансиски институции, рече Богов искажувајќи спремност за опстојување и справување со сите идни предизвици.

Продолжуваме, кажа гувернарот, со отпочнатите проекти и реформи во работењето, на тој начин придонесувајќи кон јакнењето и осовременувањето на економијата.

NBRM monetarno osamostojuvanje (10)

Продолжуваме да функционираме како независна, транспарентна и општествено одговорна институција, која со целиот свој интелектуален капацитет, останува отворена за соработка со сите други субјекти во доменот на своите надлежности, а во насока на натамошен развој на банкарскиот, финансискиот систем и економијата во целина, истакна гувернерот на НБРМ Богов.

NBRM monetarno osamostojuvanje (2)

Монетарното осамостојување на Македонија, потсети тој, се случи многу брзо по историскиот референдум за независност и донесувањето на Уставот на Република Македонија, и заедно со изработката на стабилизациската програма, претставуваа главни економски приоритети на првата македонска експертска влада, кои требаше да ги постават основите за изградба на новиот пазарен систем. Монетарното осамостојување на македонската економија се одвиваше во исклучително тешки економски околности на наследени проблеми и нови предизвици, стеснување на пазарот, прекин на дотогашните трговски односи во услови на војна во дел од поранешната федерација и санкции на ОН кон тогашната СР Југославија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top