По завршувањето на подготвителните активности, механизацијата на Јавното претпријатие „Македонија пат“ денеска започна со асфалтирање на патниот правец Теранци-Кучичино во општина Чешиново-Облешево, која е дел од регионалниот патен правец Виница–Штип.
– Должината на овој патен правец изнесува 3 километри со 4 метри широчина, а неговата изградба ќе се реализира во две фази од кои првата ќе биде завршена до крајот на оваа недела, а со втората фаза се очекува да се започне во месец јуни со која и овој пат ќе биде комплетно завршен. Изградбата на овој пат е од огромно значење за жителите на нашата општина. Со него ќе се намали сообраќајот кој се одвива по магистралниот пат А3, а воедно ќе се скратат и изминатите километри до соседните општини – изјави Костадин Личков, градначалник на општина Чешиново-Облешево.
Изградбата на делницата Теранци – Кучичино е дел од програмата на Јавното претпријатие за државни патишта на Република Македонија за изградба на регионална делница во истокот, која ќе ги поврзува општините Штип, Карбинци, Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница. Со изградбата на овој пат Истокот ќе добие комплетно нов алтернативен регионален пат Виница – Штип.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.