| четврток, 6 декември 2018 |

Пике не чекаше многу за да му врати на Серхио Рамос

Жерард Пике имаше можност да го реши прашањето околу победникот на „Сантијаго Бернабеу“ кога при резултат 1-2 за Барселона ненадејно се најде осамен пред голот на Кејлор Навас, но ако него не му успеа да го докрајчи вечниот противник, тоа го направи Лионел Меси кој на крајно драматичен начин погоди за 2-3 во последните моменти од средбата.

Пике како и обично, со доза на голема контроверзија ја славеше победата на „Бернабеу“, но претходно успеа да го навлече гневот и кај Серхио Рамос кој откако го напушташе теренот му испрати „срдечна“ порака за тоа што се радува за неговото исклучување.

Капитенот на Реал со својата гестикулација и зборовите кои ги изусти јасно му даде до знаење на стоперот на Барселона што мисли за неговите редовни притисоци кон судијата Ернандез, но Пике не би бил Пике ако не излезеше со експресен одговор веднаш по завршувањето на мега пресметката во шпанската престолнина.

– Кога ќе си отиде дома Рамос, ќе сфати едно нешто. Сигурен сум дека кога ќе си отиде дома, ќе сфати дека тоа беше чист црвен картон. Тоа беше толку јасно, влезе со двете нозе отворено во Меси и во ниту еден случај не беше блиску до топката. Нема дискусија околу тоа, работата е во тоа што тука во Мадрид се научени на попустливи арбитражи во нивна корист, па кога ги нема, веднаш има реакции – со голема доза на провокација истакнал Пике веднаш по мечот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top