| четврток, 6 декември 2018 |

Принцезата од Тајланд во посета на Македонија (ГАЛЕРИЈА)

Принцезата од Тајланд, Маха Чакри Сириндорн, на покана на сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, престојува во дводневна посета на Македонија.

Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на Претседателот, за време на дводневниот престој тајландската принцеза ги посетила и разгледала дел од значајните културно – историски знаменитости во Македонија и се запознала со богатата македонска култура, историја и традиција.

princezata-od-tajland (1)

На средбата, принцезата Маха Чакри и сопругата на претседателот Маја Иванова размениле мислења и идеи за соработка во областите и активностите кои споделуваат заеднички вредности во агендите на двете дами.

Иванова, како што се вели во соопштението, информирала за проектите во кои е таа вклучена и ги поддржува во Република Македонија и во тој контекст се осврнала на иницијативите кои се оддржуваат под нејзино покровителство, а се однесуваат на жените и децата, пред се на активностите поврзани со децата со посебни потреби и детската исхрана.

princezata-od-tajland (2)

Тајландската принцеза изразила благодарност за гостопримството во Македонија, како и подготвеност за иницирање на натамошни заеднички активности, преку размена на искуства и знаења.

За време на престојот во Скопје, Иванова и принцезата Маха Чакри го посетија манастирот „Св. Пантелејмон“ и комплексот Македонско Село во Нерези. Таа ги посети и Археолошкиот музеј, црквата „Св. Спас“, Милениумскиот крст на Водно, Шарената џамија во Тетово, Кањонот Матка, Пештерата Врело, а прошета и низ Старата скопска чаршија и Плоштадот Македонија.

princezata-od-tajland (4)

Во рамки на посетата, тајландската принцеза доби награда за животно дело од страна на Фондацијата „Алијанса на цивилизациите“ – Скопје.

Принцезата Маха Чакри Сириндорн е трето дете на поранешниот крал Бумибол Адулиадеј и кралицата Сирикит од Тајланд. Таа е сестра на актуелниот крал Маха Вајиралнгкорн. Тајландската принцеза е специјален амбасадор на ОН за Светската програма за храна и амбасадор на добрата волја на УНЕСКО за еманципирање на децата од малцинските заедници преку образование и заштита на нивното нематеријално културно наследство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top