| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски: Очекувам успешен тендер за „Чебрен“ и „Галиште“

133665939
Генералниот директор на АД ЕЛЕМ Христијан Мицкоски очекува наскоро да биде избран концесионер кој ќе ги гради хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ во горниот слив на Црна Река.

По шесте неуспешни обиди да се најде концесионер за изградба на хидроцентралите, Мицкоски верува дека сега се блиску до решение, бидејќи биле сменети условите и пристапот во распишувањето на тендерот.

– Овој пат сме прилично убедени дек процесот може да биде спроведен до крај. Го изменивме пристапот во тендерот и го напуштивме конзервативниот – брана Чебрен, брана Галиште и дадовме слобода во изборот на техничкото решение. Сега велиме ова е местото каде што реката може да се зафати и местото каде што треба да се испушти и на сите потенцијални идни концесионери им дадовме слобода самите да предложат технички решенија за изградба, информира Мицкоски при посетата на ХЕЦ „Тиквеш“.

hec tikves

Тој нагласи дека од страна на заинтересираните компании веќе пристигнале 14 предлози со технички решенија, кои ги разгледува реномираната германска куќа „Фихнер“, која до крајот на јуни треба да се произнесе за тоа кое од овие решенија е најсоодветно.

– Втората фаза која сега ја спроведува АД ЕЛЕМ е да изработиме физибилити студија за оправданост која ќе даде одговор дали овие пристигнати технички решенија се соодветни и можат целосно да го искористат потенцијалот на горното течение на реката Црна, каде што е предвидена изградбата на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“. За таа цел објвивме јавен повик со кој ја ангажиравме реномирана светска куќа „Фихнер“ од Германија која кон крајот на јуни треба да даде одговор кое од пристигнатите технички решенија е најсоодветно и во третата и последна фаза ќе биде понудено на конечно наддавање, изјави Мицкоски.

Свои технички решенија, како што рече, понудиле две домашни компании и компании од Кина, Турција, Грција, Русија, Канада и еден италијанско-француски конзорциум, како и една швајцарска компанија која пројавила многу сериозен интерес

– Се надеваме дека јавната постапка ќе резултира успешно, можеби не во очекуваните параметри и инвестиција од порано, но секоја инвестиција во енергетски производни капацитети дава додадена вредност на економијата и на енергетскиот потенцијал и портфолио на Република Македонија, потенцира Мицкоски.

Според него, целокупното производство на електрична енергија која ќе се добива од овие две хидроцентрали ќе биде понудено на слободниот пазар, со што ќе може да се постигне поголема цена од регулираната.

– Суштината е овој проект конечно да заживее, а ние да добиеме неколку стотини гигават-часови произведена електрична енергија повеќе во производственото портфолио на Македонија. Не мора да биде базна електрана, може да биде и пикова, односно електрана која ќе нуди производство во високите дневни оптоварувања, прецизира Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top