| четврток, 6 декември 2018 |

Во МКЦ се слави „Ден на независните музички продавници“

Денеска, на 22 април МКЦ и АП(о)ТЕКА, во периодот од 13 до 18 ќе организираат дневно дружење на платото пред МКЦ,  по повод International Record Store Day 2017 (Celebrating The Indie Record Store), соопштуваат од Младинскиот култирен центар (МКЦ).

Овој интернационален „Ден на независните музичките продавници“ во светски рамки се одржува од 2007 година, а овде во Македонија, таа убава традиција годинава ќе се организира првпат.

Следејќи го генералниот концепт на прославата и Record Store Day Macedonia 2017 одлучи да има свој амбасадор, промотер на овој настан. Оваа чест, во светски рамки секогаш е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите) како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го подржувале опстојувањето на малите музички продавници.

– Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски Амабасадор на овогодишниот македонски Record Store Day, му ја доделуваме на Васко Атанасоски (Bernays Propaganda), најмногу поради фактот што токму тој во изминативе 15-ина години, со изданијата на некои од своите бендови (FxPxOx, Bernays Propaganda, Ха Ха Ха…) е еден од ретките македонски музичари што го одржаа винилот како релевантен носач на звук. И токму на овој ден, International Record Store Day 2017 на својата официјална страница го најави и компилациското 7” издание Support Indie Record Stores…Not Flippers, како RSD Exclusive Release, на кое со една песна е застапен и Васко Атанасоски – велат од МКЦ.

Годинава, за првпат во својата десетгодишна историја, на интернационално ниво започнува да се промовира уште една почест, Worldwide Record Store Legend, за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници.

– Сметавме дека кај нас, честа да биде промовиран во прва македонска Worldwide Record Store Legend, треба да му припадне на Васја Ивановски, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија, редовен посетител на ретките македонски независни музички продавници, но најмногу поради неговата новинарска работа во 70-те години од минатиот век, кога преку своите написи, а потоа и со DJ-сетовите успеа да инфицира со музика една армија на млади, кои подоцна стануваа музичари или редовни посетители на тогаш единствените државни музички продавници. Во најмала рака, преку своите активности, стави минимум едно камче во мозаикот, кој и ден денес го составувавме, а кој ни е основа во препознатливиот урбан македонски музички идентитет – додаваат од МКЦ.

Покрај укажувањето почит кон споменатите личности, самиот Record Store Day 2017 ќе биде одбележан и со промоција на издание, кое иако не е изготвено како RSD Exclusive Release, сепак судбината сакаше токму тоа да биде промовирано на ваков славенички ден. Се работи за винилно издание, кое по неколку параметри е сосема уникатно во целата македонска дискографска историја и на кое се поместени архивски материјали, песни што никогаш порано не биле објавени на единствен носач на звук. Според многумина, се работи за материјал што е Светиот Грал на македонската андерграунд сцена.

– Задоволство ни е да ви го најавиме изданието „Падот на Византија“ – Почеток и Крај, на винилен формат (LP), со бонус CD и 24 страници 12” буклет проследен со референтен историјат на групата, записи од списанија и многу оригинални фотографии – велат од МКЦ.

Уште еден винил што ќе биде промовиран на 22.04. е вториот албум на македонскиот гитарист, пејач и кантавтор во Њујорк, Крсте Роџевски. По извонредниот деби албум од 2015, Batania, ред е да го слушнеме и новиот, „Горчливи Бадеми“ (Bitter Almonds).  Две песни од „Горчливи бадеми“ се дел од саундтракот за „Бикини Мун“, новиот филм на Милчо Манчевски, кој пак го дизајнираше омотот за албумот.

На самиот настан ќе бидат најавени уште неколку винилни изданија, кои ќе бидат објавени и промовирани во периодот што следува.

Целиот настан ќе биде поддржан со DJ сетови на Васко Атанасоски, Александар Гавровски (PMG Collective) и Гоце САФ како и концерти на француските бендови PAUWELS, PARTOUT PARTOUT и Германците THE JEFFK.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top