| четврток, 6 декември 2018 |

Нови 205 километри гасоводна мрежа

Со затворањето на клириншкиот долг се овозможи изградба на делницата Клечовце – Штип во должина од 61 километар. Овој проект е веќе реализиран. Комплетирани се над 60% од градежните работи на потегот Штип – Неготино во должина од 36 километри. Се изведуваат делниците Неготино – Прилеп – Битола (92 километра) и Скопје – Тетово – Гостивар во должина од 76 километри.

-Започната е изградбата на дополнителни 205 километри гасоводна мрежа. Со завршување на четирите магистрални делници ќе имаме покриеност од над 70% од потрошувачката на природниот гас. Тоа во количини би било околу 900 милиони кубни метри, објаснува првиот човек на „Македонски енергетски ресурси“, Крсте Миладинов.

Вредноста на инвестицијата за изградба на примарната, односно на националната гасоводна мрежа се проценува на 350 милиони евра.

-За две години, ако сè биде во ред, најголем дел од Македонија ќе биде приклучен на гасоводот, вели Миладинов.

Ќе се изведуваат и нови гасоводни делници

Освен овие четири се планираат и други траси за целосно поврзување на Македонија. Ќе се работи и на следниве делници: Штип – Радовиш – Струмица – Гевгелија, Штип – Кочани – Виница, Штип – Свети Николе – Велес, Струмица – Ново Село, Гостивар – Кичево и Кичево – Охрид – Струга – Ќафасан, со интерконективно поврзување со Албанија. Дополнително, се планира поврзување со Грција, делница Штип – Месемврија во должина од 160 километри, со што ќе се обезбедат дополнителни извори на природен гас и ќе се отвори можност за намалување на цената.

Секундарна и терцијална паралелно со примарната гасификација

Паралелно со изградбата на националната гасоводна мрежа ќе тече и секундарната и терцијалната гасификација на Македонија. Проектот ќе се реализира преку јавно – приватно партнерство, со што евтиниот енергенс ќе се донесе до крајните потрошувачи. Огласот е објавен, а инвестицијата се проценува на 150 милиони евра. Опфатени се сите општини во државава. Во Скопскиот регион со 17 општини е предвидено да се инвестираат 100 милиони евра. Во Источна и во Централна Македонија ќе се вложат 27 милиони евра, а ќе бидат опфатени 28 општини. Во Западна Македонија и Пелагонија (35 општини) ќе се вложат уште 22 милиона евра.

„Рокот на концесија е продолжен од 20 на 30 години, а самиот приклучок што Владата предвидува да го субвенционира е за 20 проценти намален. Има и голем број технички подобрувања коишто споредено со она што беше порано се пренесени од искуствата и консултациите со експертската јавност “ – вели советникот на премиерот Христијан Мицкоски.

„Зголемувањето на периодот за концесија значи дека му се дава шанса на концесионерот да си ги врати парите и да прави профит. Владата сака да му покаже на идниот инвеститор дека се грижи да има што повеќе потрошувачи со што тој побрзо ќе влезе во позитива“ – објаснува универзитетскиот професор Константин Димитров.

Општини, граѓани, компании ги прават пресметките

Гасот ќе донесе големи заштеди за општините, компаниите и за граѓаните. Пресметките веќе се прават. Евтиниот енергенс ќе ги намали трошоците, но и ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето.

„Гасификацијата за градот ќе значи многу за подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани, за намалување на трошоците за енергенси, за подобрување на економијата во градот, за заштита на животната средина, а со изградбата на овој гасовод и на експресниот пат преку Плетвар ќе се зголеми и конкурентноста за привлекување домашни и странски инвеститори“ – вели градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

„Компаниите и домаќинствата ќе имаат пристап до поевтин еколошки енергенс. Владата сериозно се грижи за овој вид инвестиции кои создаваат и директен економски ефект и индиректно создаваат предуслови за побрз раст и развој“ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Слично размислуваат и бизнисмените

„Колкави ќе ни бидат заштедите ќе зависи од тоа колкава ќе биде цената по кубен метар на гасот. Досега беше варијабилна, но со тек на време и со приклучувањето на Македонија не само на гасот од Русија, туку и со приклучување на гасоводите преку Грција од Блискиот Исток, можностите за намалување на цената на гасот се реални. Со тоа, економските ефекти може да бидат и подобри од очекувањата“ – вели првиот човек на „Витаминка“, Симеон Наумоски.

„Гасификацијата ќе ги зголеми рентабилноста и продуктивноста на компаниите, а ќе ја зголеми и конкурентноста на пазарот со поевтини финални производи“ – објаснува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

За граѓаните, пак, заштедите во домаќинството ќе бидат многу конкретни и значајни. Во зависност од енергенсот што во моментов го користат, нивните трошоци со гасификацијата би се намалиле од 25 до 45 проценти.

„Гасификацијата значително ќе го подобри стандардот на граѓаните, ќе ја зголеми конкурентноста на домашните компании и позитивно ќе влијае врз атрактивноста на Македонија како инвестициска дестинација“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Економската логика вели дека со зголемувањето на бројот на потрошувачите ќе се создадат можности и за намалување на цената за крајните корисници.

„Зголемувањето на бројот на потрошувачи ќе придонесе за намалување на цената на гасот, а тоа ќе значи значително намалување на крајните трошоци на компаниите за енергија“ – објаснува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top