| четврток, 6 декември 2018 |

Неготино: Тука сме да им кажеме на сите дека македонскиот народ нема да дозволи разнебитување на Македонија

Протестен марш и вечерва се реализираше во Неготино. Пред присутните се обрати Ване Дупкаров.

– Вечерва тука пред вас стојам, како загрижен граѓанин, Македонец кој се грижи за својата држава, за семејството, кој сака неговото дете да зборува македонски, да учи на македонски, да пее како мене на македонски. Денес нашата генерација ја има можеби и најтешката задача до сега. Ние денес одлучуваме дали успешно ќе продолжиме да се бориме и да ја градиме нашата држава како економски лидер на Балканот, инвестициски лидер во регионот, земја на можности за сите, или пак ќе одлучиме да се вратиме на почетокот, а оние што се малку постари тука знаат каков бил тој почеток, рече тој.

Денес, нагласи, одлучуваме дали ќе ги изневериме сите претходни генерации кои макотрпно работеа и ја градеа нашата иднина, или ќе им дадеме простор да ни ја прекинат визијата на оние што не им е гајле за својата држава и успехот.

– А како што можам да забележам од оваа глетка, нашата генерација одлучи да не се враќаме на почетокот. Туку да продолжиме со уште посилно темпо, совладувајќи уште поголеми предизвици, кон уште поголеми успеси. Едноставно да бидеме горди на нашата генерација. Затоа што ние знаеме, како во минатото, така и денес секогаш ќе се наоѓаат платеници кои ќе се обидат да уништат се што е создадено, но најважно е младите ја препознаваат вистинската страна. И не би ја изневериле Македонија по никоја цена. Затоа што нас не не интересираат туѓите интереси, нас ни се важни интересите на Македонија. Затоа што ние младите друга татковина немаме. Македонија е се што имаме. Сите ние граѓани кои живееме во оваа држава и кои сакаме да продолжиме да живееме во оваа држава, да направиме едно единство и така да докажеме на сите оние канџи кои од секогаш го кинат месото од македонецот и срцето од македонецот, додаде Дупкаров.

Македонскиот народ и сите оние граѓани кои ја сакаат оваа држава, рече тој, конечно ќе се обединат и ќе и кажат “не” на тиранијата. Ќе останеме вечно и ќе постоиме како Македонци.

– Затоа денес сме тука, затоа и утре ќе бидеме тука и се така додека е потребно. Тука сме да им кажеме на сите дека македонскиот народ нема да дозволи разнебитување на Македонија, рече Дупкаров пред неготинци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top