| четврток, 6 декември 2018 |

Почина Раша Попов

Детскиот писател, глумец и новинар Раша Попов почина во 84. година во Белград, објавија медиумите во Србија.

„Сезнајко, автентичен мудрец и Орфеј на нашето време“ се најдобри епитети со кои на „Википедија“ е опишан новинарот и писател Радивој Попов – Раша. Во време на прикажување на серијата „Фазони и фори“ Попов беше сечиј дедо, барем по малку.

Новинарската кариера ја почнал во новосадски „Дневник“, а потоа работел во „Младост“, во Радио Белград, Телевизија Белград. Бил лектор за српскохрватски јазик во Лондон, Бирмингем и во Нотингем и главен уреднк на издавачката куќа „Матица српска“. Како колумнист на „Политика“ пишувал за општествени теми.

Своевремено објасни што го натерало да се откаже од новинарството и да почне да пишува за деца.

– На син ми Бојан, свештеник во Москва, му раскажав најмалку илјада бајки пред спиење, а на ќерка ми Дијана, по седум години, уште илјада. Само една од нив ја запишав. А кога се роди внуката Маша, одеднаш добив дарба да пеам и да пишувам за деца. За неа ја напишав првата книга за деца „Жапчето што не знае да молчи“. Излезе во печат во 1987 година – изјави Попов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top