Бекот на Фенербахче и на српската кошаркарска репрезентација, Богдан Богдановиќ, од следната сезона дефинитивно се сели во НБА и ќе игра за Сакраменто кингс. Генералниот менаџер на клубот, Владе Дивац, пред неколку месеци најави дека Богдановиќ ќе биде дел од составот на „кингси“, иако чекаат сезоната да заврши за да можат официјално да го претстават како нивен играч. Одличниот шутер дефинитивно ќе зачекори на НБА терените од октомври.
Ова го потврди и центарот на Сакраменто, Јоргос Папајанис, кој во живо го проследи натпреварот меѓу Панатинаикос и Фенербахче во „ОАКА“ арената, a на средбата Богдановиќ беше играч на натпреварот со 23 поени, од кои 15 ги постигна од линијата за три поени. Папајанис тврди дека со нетрпение го чекаат Богдановиќ да пристигне во Калифорнија и да се приклучи на тимот.
– Сите во клубот зборуваме за доаѓањето на Богдановиќ. Тој е одличен играч, има прецизен шут, знам дека брзо ќе се влопи во нашата филозофија и ќе биде многу корисен играч – изјави Папајанис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.