| четврток, 6 декември 2018 |

Велигденска честитка на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов по повод празникот Христово воскресение – Велигден, упати велигденска честитка до граѓаните со католичка вероисповед.

– Драги браќа и сестри, драги верници, луѓе со добра волја. Празнуваме ден во кој се сеќаваме на Христовото Воскресение, настан што не допира ниту една од експерименталните науки, а фактот на побожествување на материјата тука на земјата ја надминува нашата способност за поимање. Празнувајќи го Христовото Воскресение – Велигден, ние во себе го празнуваме новиот човек кој е зачнат со крштевањето и кој ги живее таинствата на Црквата, а пред сè Евхаристијата. Бидејќи Велигден е ден на обнова така секој христијанин застанува пред својата совест и одговара пред Бога и пред заедницата за тоа што му носи годишниот спомен на Христовото воскресение.

Обраќајќи Ви се вам, драги верници, се обраќам и до сите луѓе со добра волја, и посакувам од Бога нова светлина со која ќе биде осветлено нашето секојдневие. Живеејќи го автентично христијанството да бидеме утеха и надеж во ова наше време со бројни драматични настани и со својата непоколеблива вера и нејзината единствена пракса, а тоа е љубовта кон Бога и ближниот, да бидеме сведоци дека Христос со своето воскресение и денес нè охрабрува, нè обновува, нè чисти и нè поставува да бидеме макар и само мала светлина во мракот на време во кое сме.

Сведоци сме на настани што нè исполнуваат со вознемиреност и ни предизвикуваат страв, но ние имаме надеж втемелена врз фактот на воскресението – ние како обновени, нови луѓе со својата вера и молитвите сакаме да придонесеме во тоа што ние не можеме да го решиме, да го решава Бог.

Посакувам на сите срцата да ви бидат допрени со таа светлина, а во очите да го имате оној сјај што јасно порачува дека Христос воскресна, и дека Христос живее сега и тука, а ние тоа го сведочиме. Нека е благословено Христовото воскресение – Христос воскресе! , се вели во велигденската честитка на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top