| четврток, 6 декември 2018 |

Велигденско послание на митрополитот Повардарски Агатангел до православните верници

По повод големиот христијански празник – Велигден митрополитот Повардарски г. Агатангел упати Велигденско послание до бројното свештенство во кое потсетува дека Христовото воскресение е темел и основа на христијанската вера, Христос воскресна од гробот ги разурна портите на адот и ја победи смртта, најголемиот непријател на човекот и на сето создание.

– Без Христовото воскресение верата не би имала никаква смисла, а човекот би умирал и би исчезнувал од овој свет засекогаш. Воскресението е триумфална и славна победа за секој оној кој го следи Христа, кој верува во Него и ги применува Неговите спасоносни начела во својот секојдневен духовен живот. За оние кои веруваат, Воскресението Христово е гаранција дека и тие ќе воскреснат, преобразени и прославени за вечниот живот. За оние кои веруваат, Воскресението Христово е гаранција дека и тие ќе воскреснат преобразени и прославени за вечниот живот.

Тој потенцира дека преку Воскреснието можеме да ги разбереме и вековните напори на македонскиот народ,кој вековно се борел да ја зачува својата православна вера, својата нација, својата-држава-слободата,плаќајќи ја постојано цената на нечовечкото ропство, омаловажување, понижување па и смрт.

– За македонскиот православен народ, не физичкото насилие туку опоганетоста на духот и мрачниот госодар кој голта се пред себе и води во духовна пропаст и потчинетост. Затоа за Македонците Велигден е најголемиот христијански празник, тој е сенародна прослава на победата на животот над смртта, на правдата над неправдата, на радоста над бесмислата и тагата, потенцира митрополитот г. Агатангел.

Тој повика овој Велигден 2017-то лето Господово да биде величествен ден на нашето духовно воздигнување и национално обединување.

– Воскреснатиот Христос не повикува да останеме во вистината и да ја исполниме секоја правда. Да не дозволиме да ни биде одземена слободата, зошто со многу труд, откажување и скапоцени жртви е платено нејзиното освојување. Македонија е наша заедничка татковина составен дел на нашиот национален идентитет. Па, затоа Христос не повикува да ја чуваме и браниме нашата православна вера, автокефалноста на Македонската православна црква, самостојноста и унитарноста на македонската држава која по многувековно ропство конечно ја имаме како реалност. Да застанеме на браникот на татковината и со многу воскресенска љубов и достоинство да не допуштиме нечестивите да ни го менуваат името, јазикот, знамето, односно она што од памтивек се наши македонски национални обележја. Ова е историскиот момент кога и требаме на нашата татковина. Сега треба да покажеме пред светот дека во Македонија отсекогаш се раѓале упорни борци за вистината и правдата. Не плашете се драги браќа и сестри да го чувате своето и со многу упорност и духовна убавина да му застанете на патот на злото кое се надвиснало над нашето мирно македонско општество, порача митрополитот Агатангел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top