| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов за „Винер Цајтунг“: Влада без мандат од претседател ќе нема легитимитет

Правно неиздржано е да се формира влада без определен мандат. Таквата влада би била без легитимност од Претседателот, односно без уставна основа, вели Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во интервју за австрискиот дневен весник „Винер Цајтунг“.
Прашан за евентуална можност да се бира Влада во Собранието, без определен мандат од страна на Претседателот, Иванов со став:
„Тоа е само желба. Тоа е правно неиздржано. Таква влада нема да има легитимитет. Ова јасно е наведено во нашиот Устав. Согласно член 90 од Уставот, само Претседателот на државата може да го определи мандатот за состав на Влада. Во таков случај би имало две влади. Актуелната, која е техничка влада, и влада која што е без легитимност од Претседателот, односно без уставна основа. Значи ќе влеземе во уште поголема криза“.
Во интервјуто, претседателот Иванов објаснува дека од прогласувањето на независноста на Република Македонија,  секогаш прво пласираната партија на изборите го добивала мандатот за составување на Влада.
„По изборите на 11 декември, јас го сторив она што и јас и моите претходници секогаш сме го правеле, на победникот на изборите му се доделува мандатот за состав на Влада“, вели македонскиот претседател.
„Но, ВМРО-ДПМНЕ не успеа да коалицира со партиите на македонските Албанци, во предвидениот рок од 20 дена, согласно Уставот. Да бидам попрецизен,  коалицијата всушност беше договорена.  Но, во последниот час имаше телефонски повик – и коалицијата се распадна“, одговара претседателот Иванов.
На прашањето „Кој бил повикувачот“, Иванов одговара: „Вие сте новинар. Вие можете да го истражите тоа“.
Прашан „Што ќе се случи доколку некогаш се избере Претседател на Собрание, а шефот на СДСМ повторно се договори со партиите на македонските Албанци и посака да состави Влада?“, Иванов со став: „Јас на таква коалиција нема да го дадам мандатот, и тоа од политички причини“, посочувајќи на Тиранската платформа како политичка пречка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top