| четврток, 6 декември 2018 |

Послание на г.г. Стефан: Крајно време е луѓето да се свртат и да се вратат кон Бога, кон вистината, љубовта и правдата

† Стефан
По милоста божја, архиепископ охридски и македонски, заедно со светиот архиерејски синод, до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на македонската православна црква, а по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од бога, поздравувајќи ги со величествениот и торжествен поздрав – Христос воскресe!

Овој е денот што го создаде Господ,
за да се зарадуваме и да се развеселиме во него!
Возљубени празникољупци,

Денес велегласно бијат црковните камбани, објавувајќи го Христовото воскресение, разгласувајќи ја веста за Чудото над чудата и пренесувајќи ја радоста за Празникот над празниците. Силно одѕвонуваат воскресенските ѕвона и нè повикуваат торжествено да го отпразнуваме светлозарниот ден на Христовото воскресение. Денес сите христољубиви народи молитвено да се пренесеме до спасоносниот Настан, да се упатиме кон Изворот на вечниот Живот и да пристапиме пред совршената Љубов, та едномислено и еднодушно , заедно со Небото и Земјата , да Го прославиме Бога за сите Негови дела .

Еве и ние, како народ и Црква, удостоени сме со тој благодатен дар – да земеме учество во тајната на неизмерливата Божја љубов кон сиот човечки род. Во овие торжествени мигови, да се потсетиме на непов­торливата жртва, кога Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да има живот вечен . Заради нас луѓето, Синот Божји претрпе понижување, мачење и распнување и, страдајќи, ни го покажа патот на спасението.

Господ Исус Христос, со Своето воскресение, поразот во победа го претвори, гревот и смртта ги обессили, а нам, на луѓето, портите на Рајот ни ги отвори. Со тој спасоносен настан, Синот Божји се потврди како вистински Богочовек и Спасител и им даде смисла на небото и на земјата, и на човекот и на човечката историја. Се потврди дека не постои таква смрт, која би можела засекогаш да ја закопа вечната вистина, вечната правда и вечната љубов.

Возљубени чеда во Христа воскреснатиот,

Нашата вера е откровение на вечноста и на Бога, а Христовото воскресение е најголемиот печат на тоа откровение. Црквата Христова, која е столб и тврдина на вистината , заснована е врз Личнос­та на воскреснатиот и секогаш живиот Бог. Тој е жив во вечноста, во светата Евхаристијата, во срцата и душите на верниците, во словата на Светото Писмо, во учењето на Светото Предание, како и во сведоштвото на богоугодниците и светиите од сите времиња, на сите кои Синот Божји – Исус Христос, Го имаа за свој Господ. Зашто, под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме , освен преку името на Христа воскреснатиот, преку Кого човечката природа се ослободи од стегите на пропадливоста, а на паднатиот човек повторно му се вратени достоинството и вечноста.

Во велигденското празнување најмногу се потсетуваме на животот. Самиот Христос рекол: …Јас живеам и вие ќе живеете, а ангелот, во воскресенското утро, објавил: зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?, Тој е жив, Тој воскресна . Затоа, Велигден е празник на животот, зашто ако нема воскресение, нема победа над смртта, нема вечен живот, и ако Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и верата ваша.

Со воскресението Христово започнува нов живот за човечкиот род. Со него не може да се спореди ниту еден настан – ни по големина, ни по значење, ни по таинственост. Со Воскресението, животот и науката Христови добиваат полна смисла и објаснување – Евангелието се потврди како спасоносна вистина, а воскресенскиот настан потврди дека сме создадени за живот. – Јас сум воскресението и животот, кој верува во Мене, и да умре, ќе живее . Христос воскресна и со тоа нè направи учесници во вечната победа над смртта, објавувајќи ни го патот и на нашето воскресение.

Возљубени чеда во Господа,

Нашево време, за жал, на сите страни од светот изобилува со меѓучовечки и меѓуетнички недоразбирања и судири. Поделбите на економски, политички, па и верски план, го преплавија светот, па во тој потоп од омраза и злоба – војните, тероризмот и сл., постанаа секојдневие. Непријателството меѓу луѓето го достигнува својот врв, и сведоци сме на најстрашни страдања на невини луѓе, па и на цели народи. Доброто, љубовта и вистината се потиснати од злото, користољубието и омразата. Сè почести се самоубиствата, абортусите, убиствата и секаков вид насилство и криминал. Исто така, нарушувањето на бракот и семејството доведоа до последици и по моралната и по демографската состојба, особено меѓу европските народи. А сите тие неволи се раѓаат, пред сè, како резултат на човечкото неверие и самољубие, на отуѓувањето од Бога и од спасоносното евангелско слово. Крајно време е луѓето да се свртат и да се вратат кон Бога, кон вистината, љубовта и правдата. Зашто само воскреснатиот Христос е спасоносниот лек против сите страдања, и единствениот Пат, Вистина и Живот.

Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,

Голема е Божјата грижа за човечкиот род и Бог посакува од секого и од сите заедно искрено покајание, без кое нема спасение. Тоа ни го покажала токму и историјата на нашиот православен народ и на нашата православна Црква: секогаш кога слабеела нашата вера и кога сме биле оддалечени од Бога, сме минувале низ многу премрежија и искушенија. Но тогаш, кога со покајание сме се обраќале за помош, Бог нè услишувал и ни подарувал и слобода и мир. Затоа, верата во Христовото воскресение е длабоко присутна во животот на нашиот народ. Во долгите ропства и туѓите владеења, и во неправдите од завојувачите, имајќи ја секогаш верата во Бога – никогаш не сме ја губеле надежта во конечната победа и во целосната слобода. Тоа е така, зашто нашата вера е вера во воскресението и нашата Црква е Црква на воскресението! Македонскиот народ знаел дека без Бога и без Црквата не ќе може ништо. Знаел и цврсто верувал дека само со Божја помош сè може да истрпи и со Божјиот благослов сè да поднесе за доброто на сите. Затоа, ние, денешните чеда на Македонската православна црква, не треба да заборавиме дека богољубието и братољубието се двете основни правила по кои треба да постапуваме. Многупати се потврдило дека само кога со едномислие чекориме во вистината Божја и кога сме сплотени – имаме напредок; дека чесноста, вистината и правдата се добродетелите со кои најдобро можеме да се бориме против сите непријатели. Всушност, нашата воскресенска вера нè учи да живееме богоугодно и братољубиво, зашто само така ќе можеме да опстоиме и како народ, и како држава, и како Црква.

Возљубени чеда на свети Климент – Охридскиот Чудотворец,

Нашите претшественици – свештенослужители, првенци и верниот народ, токму врз верата во воскресението ја темелеле и својата надеж дека ќе дојде денот кога ќе воскресне Црквата во Македонија и ќе се возобнови древната Охридска столица. По многуте обиди да се возобнови тронот на Охридските архиепископи, во текот на двевековната неканонска забрана за самостојно делување на Охридската архиепископија како помесна Црква во Македонија – конечно се случи остварување на копнежот на генерации и генерации православни Македонци. Делегатите на Третиот црковно – народен собор го прифатиле и едногласно и еднодушно го изгласале предлогот на петочлениот домороден Синод – да се возобнови автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Архиепископот Доситеј и митрополитите Климент, Наум, Методиј и Кирил ја потпишале донесената соборска одлука, со која на нашата Мајка Црква ѝ се вратило некогашното достоинство.

Од тој историски настан поминаа пет децении, време во кое нашата Света Црква продолжи верно, како некогаш, да го чува својот народ, да го упатува во евангелската вистина, да ги заштитува и да ги возоб­новува старите и да гради нови храмови и манастири, а најмногу да ја гради живата Црква. Педесет години и не се многу време, но се период во кој на секое поле се гледаат плодовите на воскреснатиот црковен живот во Македонија и меѓу иселените Македонци по светот. Педесеттата годишнина од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија, ова лето Господово ќе ја одбележиме молитвено, со свечености во сите наши епархии и институции, ќе канонизираме богоугодници од нашиот род, потсетувајќи се на оние кои се вградија во воскресенското дело, со ветување дека, со Божја помош, по молитвите на св. Климент Охридски, ќе продолжиме по патот до конечното прифаќање на нашата Македонска меѓу помесните православни Цркви.

Испраќајќи архипастирски благослов до сите чеда на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ве поздравуваме со радоста за победата на животот над смртта и Му се молиме на воскреснатиот Господ – Началникот на животот, да нè удостои да воскликнеме: Воскресението Твое, Христе Спасителе, ангелите го воспеваат на небесата, а нас, на земјата, удостој нè со чисто срце да Те славиме.

Христос Воскресе!
Архиепископ охридски и македонски  †Стефан

Заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква
† Петар, Митрополит Преспанско – пелагониски и администратор Австралиско – новозеландски
† Тимотеј, Митрополит Дебарско – кичевски и администратор Австралиско – сиднејски
† Наум, Митрополит Струмички
† Агатангел, Митрополит Повардарски
† Методиј, Митрополит Американско – канадски
† Пимен, Митрополит Европски
† Иларион, Митрополит Брегалнички
† Јосиф, Митрополит Тетовско – гостиварски
† Јосиф, Митрополит Кумановско – осоговски
† Горазд, поранешен Митрополит Европски
† Климент, Епископ Хераклејски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top