Специјалните јавни обвинители не само што немаат поим колку нелегално снимени разговори имаат(имале) социјалдемократите, туку и не поведоа никаква акција за да се открие каде се остатокот од материјалите за кои зборуваа и Зоран Заев и половина од социјалдемократската врхушка; СЈО го отфрли случајот „Пуч“ и никогаш не расчисти за што „најверојатно, ќе биде граѓанска војна“ од разговорот меѓу „Кока кола 10а“ и „Оркестар11“; не го интересираат заканите за нови „бомби“ и за пуштања снимки по социјалните мрежи; се занимава со гаќи, душеци и со авиони, не презеде ништо за трговијата и за уценувањата со снимките; во целост дејствува по потребите и најавите на заевистите, а сега се најавува дека дури и тие материјали што СЈО, наводно, ги има, односно му беа отстапени од заевистите, нема да бидат уништени, туку ќе останат за да може и натаму, во иднина, да бидат злоупотребувани.
Во самракот на првиот дел од нивната привремена работа, ова навестување од СЈО дека материјалите немало да бидат уништени, ја отвора старата дилема – има ли воопшто материјали во СЈО. За потсетување, по политичкото формирање на специјалниот имплант во судскиот систем, социјалдемократската врхушка подолго време не му ги предаваше материјалите. Помина подолго време во перипетии и во надмудрување околу условите за чување, познати како „специјален сеф“ за потоа пред камерите од автомобилски багажник да бидат предадени кутии со хартија и, наводно, полни тврди дискови со снимени телефонски разговори.
Се покажа дека поголем дел од тие „материјали“ – наводно материјали, бидејќи и самите „специјалки“ немаа идеја што им било предадени, па информацијата следуваше дури по притисокот од јавноста – според СЈО, се однесуваат на приватни разговори и на материја што не наведува на некакви противправни дејства. Прецизно, во третиот, мартовски извештај, СЈО наведува дека до тогаш биле преслушани 272.950 аудиофајлови или 45 проценти од вкупниот број. Од нив 90.618 се приватни разговори, а во 181.372 случаи не е утврдено постоење индиции за сторено кривично дело. И токму за тие материјали СЈО сега најавува дека сака да ги сочува. Само што место во СЈО, веројатно тие материјали се чуваат во сефовите на заевистите. Така како што Заев и самиот најавуваше, дека ако СЈО биде законски укинато, треба да му ги врати снимките за да може и натаму јавно да ги емитува.
Доколку се постапи законски, како што посочува и поранешниот министер за правда Михајло Маневски, и материјалите за кои е утврдено дека немаат корист во дејствувањето на СЈО или на кој било дел од судската власт, се уништат, дали тогаш СЈО би им ги врзало рацете на заевистите за повеќе од 270 илјади можни идни уцени во политичко-економските игри? Ако ги уништи, а тие пак „се појават“ значи дека или имале копии или СЈО не добило ништо, освен материјали на лажичка. Во двата случаја – залудно потрошени буџетски пари за чиста политичка калкулантска инсталација во правото. Партијата на заевистите во екот на потресите за одложување на априлскиот термин за избори успеа во една од комерцијалните банки да го репрограмира кредитот, со што ја спаси хипотеката врз партиската централа, а никој не може да каже со полна уста дека во тој период во јавноста случајно беше пуштен телефонски разговор со директорот на таа банка.
Вакви примери има повеќе, дел знајни, дел тајни. Но, кога ваквите уцени функционираат од поодамна, зошто сега заевистите би се откажале од „златната кокошка“ дадена на заем во СЈО. Уште повеќе што СЈО дава легитимитет на таквите „акции“ за омаловажување на „непријателите“. Типичен пример е пресметката на заевистите со уредништвото на една телевизија. Пуштањето приватни разговори по скриен канал на социјалните мрежи, потоа доби и потврда од СЈО со цела прес-конференција за гаќи и за душеци!
Сигурноста и слепата верба на заевистите во СЈО ги „отвора“ и во политичката битка што се бие во парламентот за зачувување на целовитоста на државата. Еден од поискусните пратеници во парламентот, Антони Милошоски јавно соопшти дека му биле упатени закани поради неговите ставови против Заев и дека „не би било чудно“ да биде повикан во СЈО. Милошоски открива и дека не е единствениот за кого се поведени слични постапки „како политички и институционален метод на притисок“. Не може да не се смета за притисок ниту ланскиот обид на предводникот на СЈО, Катица Јанева, која во Собранието токму на прашање на Милошоски се обиде да биде малициозна посочувајќи дека го слушала внимателно „како што го слушала“ во бомбите.
Но работата е многу посериозна од петпарачките приказни за подгревање на ниските страсти на „широките народни маси“, за што заевистите одамна поединечно се имаат изјаснето како гледаат на нив. По секој голем претрпен пораз на политички план, заевистите го активираат меѓуетничкото оружје, со кревање на тензиите за постоење разговор за етничко сензитивни случаи. Играњето врз тенката жица на соживотот за предизвикување меѓуетнички тензии со најави за „бомби“ со содржина за „вистината“ за масакрот кај Смиљковско Езеро или за Диво Насеље до сега веќе неколку пати е злоупотребено.
Особено случајот „Монструм“ е орудието во повеќе наврати и со повеќе цели. Како прво се очекува да ги активира македонските Албанци дека „ВМРО-ДПМНЕ е антиалбанско“, како второ партијата пред Македонците да се прикаже како „безмилосна“, трето за подигање на недоверба кон судскиот систем и, на крајот, сите три точки заедно да се фокусираат врз определена личност. Во моментов таа цел е претседавачот во парламентот, Трајко Вељаноски , кој не дозволува кршење на собранискиот деловник по желба на социјалдемократите за прекутрупа да биде спроведен дел од тиранската платформа. И овој пат, отворањето на раната што се очекува да предизвика инциденти е упатена од медиум, кој, според поранешни партиски функционери во СДСМ, е дел од семејните бизниси на Заеви.
Случајот „Монструм“ е специфичен кога станува збор за намерно предизвикување тензија: се работи за убиство на петмина Македонци од кои четворица младинци, на Величетврток, спроти Велигден, најголемиот православен празник, на 12 април 2012 година. За убиството на доживотен затвор се осудени Албанци, со пресуда тероризам. И Заев и тие околу него безмилосно го искористуваат случајот во политички цели секогаш кога ќе им загусти. Уште од почетокот на 2015 година Заев лично посочува обелоденување на снимки за Смиљковско Езеро, кои „може само да ги обедини сите“; следува интервју во кое порачува дека „во затвор лежат невини“, на роднините и на убиените и на затворените им ветува јавно емитување на „разговорите“, за потоа да се премисли и да не ги емитува, но затоа и во изборната кампања во декември 2016 година се служи со најави за „расчистување“ на „Монструм“. Во меѓувреме, пресудата за убијците на крајот од 2015 година е потврдена и од апелација, па нејасно е како Заев би им помогнал на „невините“ со чување на снимките и со нивна злоупотреба во политички цели? Исто така, нејасна е и улогата на СЈО во сета оваа политичка злоупотреба, особено што пред повеќе од една година медиумите блиски на заевистите објавија дека „специјалните“ биле заинтересирани за случајот, а од тогаш нема ништо.
Преку најавите на заевистите за објавување снимки за „Монструм“, но и за „Диво Насеље“, Мартин Нешковски, Никола Младенов, СЈО минува не само како да не се случиле, туку како и воопшто да не влијае врз нивната работа и врз нивниот кредибилитет. Едноставно, додека Заев преку своите луѓе се заканува со материјалите што, наводно, се во СЈО и се предмет на неговата работа, од таму бараат авиони и гаќи. Но, тешко е да се очекува чудо, дека по истекот на мандатот на СЈО за отворање нови истраги, во јуни, навистина, „специјалките“ ќе соберат храброст да го почитуваат правото наспроти партијата, и да ги уништат тие материјали што ќе останат неупотребливи. Со тоа , барем на момент, ќе се почитува правото и ќе се направи еден вистински чекор кон расчистување со можноста политиката повторно, за дневни поени, да ги злоупотребува вистинските жртви – и починатите и нивните семејства. Кога само би собрале храброст…
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 241. број на неделникот „Република“, 14.4.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.