| четврток, 6 декември 2018 |

Македонска филхармонија на Денови на македонска музика

Македонската филхармонија, следејќи ја традицијата, ќе настапи и на овогодинешните, јубилејни „Денови на македонска музика“.

Утревечер во Домот на АРМ со почеток во 20 часот, ќе се одржи симфониски концерт на Македонската филхармонија со кој ќе биде затворено 40-то издание на фестивалот „Денови на македонска музика“, а ќе бидат изведени дела од неколку генерации македонски музички творци: Концертантна музика за виолончело и гудачи од Тома Прошев, третиот став од Симфонијата бр. 4 на Кирил Македонски, третиот став од Симфонијата бр. 7 „Пролет“ од Циклусот „Четири годишни времиња“ на Ристо Аврамовски. Премиерно во Македонија ќе прозвучи и симфониското дело „Небесен попречувач“ на младиот автор Мајкл Бакрнчев.

Диригентот и композитор Крис Рaсман своето музичко образование го стекнува со унгарскиот професор Бела де Чилери, ученик на Барток и Кодај. Дипломира на Кралскиот музички колеџ во Лондон (Royal College of Music), каде ја добива наградата „Theodore Stier“ за диригирање, a на Универзитетот во Кембриџ го завршува својот докторат по музика. Диригирање студира со Јорма Панула и Норман Дел Мар, а композиција со Алан Риду на Кралскиот музички колеџ. Крис Рaсман ги диригирал „Мадам Батерфлај“ и „Така прават сите“ со Операта на Прага, „Тоска“ со Унгарската национална опера во Будимпешта и Краков, „Риголето“ со Националната опера на Киев, „Травијата“ и „Палјачи“ со Националната опера на Латвија во Рига и „Боеми“ со Националната опера на Монголија. Меѓу позначајните оркестри со кои диригирал се Лондонскиот симфониски оркестар, Orchestre Colonne од Париз, Симфонискиот оркестар на Нуремберг, Филхармонијата на Аугсбург, Нордискиот симфониски оркестар во Шведска, Данскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Атина, Симфонискиот оркестар на Карлсбад во Чешка, Симфонискиот оркестар на Биел во Швајцарија, Pori Sinfonietta во Финска, Симфонискиот оркестар на Кристиансанд во Норвешка, Националниот академски оркестар на Санкт Петербург, Филхармонискиот оркестар на Букурешт, Филхармонија на Кејп Таун и Симфонискиот оркестар на Дурбан во Јужна Африка, како и Филхармонискиот оркестар на Шиамен во Кина. Изведбите под диригентското водство на Крис Рaсман редовно добиваат стоечки овации и извонредни рецензии од музичките критичари кои ја истакнуваат неговата способност „со леснотија да ги комуницира музичките идеи на делото на изведувачите“ (Cape Times), во изведбите „да носи големо ниво на концентрација и да обликува прекрасен звук“ (Opera magazine), и да „ги води музичарите до најголемите уметнички височини“ (Augsburger Allgemeine Zeitung). Во сезоната 2015/16 Рaсман го оствари своето деби со Белградскиот национален театар диригирајќи го „Риголето“ и веднаш добива нова покана да диригира друга продукција во Театарот. Неодамна реализира тонски запис со оркестарската музика на Џорџ Батерворт со BBC националниот оркестар на Велс за издавачката куќа „BIS Records“. ЦД-то кое беше објавено во јули 2016 година BCC Music Magazine го оцени со 5 ѕвезди и истото се најде на врвот на официјалната британска листа на класична музика (British Classical Music Chart). Во сезоната 2016/17, Рaсман ќе дебитира со Сараевскиот национален театар во „Риголето“ и со Навионалниот театар на Минск, а ќе ја диригира и операта „The Rake’s Progress“ на Стравински со Државната опера на Истанбул, „Кармен“ со Операта Брасов и „Севилскиот бербер“ во продукција на Македонската опера и балет. Меѓу неговите позначајни композиторски остварувања се вбројуваат делата In Memoriam Andris Slapins (2002), Musica Dolorosa (2005). Во 2012 година Rostock Volkstheater од Германија ја нарача првата опера на Рaсман, Happy Birthday, Mr. President.

Гал Фаганел е реномиран виолончелист, наставник по виолончело и музичар со повеќе издадени дела зад себе. Музичките критичари ја забележуваат неговата извонредно сензитивна интерпретација, моќниот и прекрасен тон и брилијантната виртуозност и младешка енергија. Фаганел започнува да го изучува виолончелото на осумгодишна возраст во родната Словенија. Студиите ги продолжува во Хрватска, каде после настапот на еден меѓународен конкурс добива покана да студира со целосна стипендија на Универзитетот на Јужна Калифорнија во Лос Анџелес. Универзитетските студии ги заокружува десет години подоцна, здобивајќи се со титулата Доктор на музичка уметност. Меѓу неговите ментори и професори се вбројуваат Елеонор Шонфелд, Натаниел Розен, Даниел Ротмулер, Питер Марш и Добрила Берковиќ-Магдалениќ. Соработувал со реномирани светски солисти и диригенти како Сергиу Комисиона, Зубин Мехта, Лајонел Френд, Карл Сент Клер, Јо-Јо Ма, Лин Харел, Мидори Гото, Исак Штерн, Џошуа Бел, Исак Перлман и Павел Верников. Фаганел често одржува рецитали, а настапува и како камерен музичар и солист со оркестри низ Северна Америка и во Европа. Тој е основач и уметнички директор на Arizona Chamber Orchestra, ансамбл кој постои од 2009 година. До 2010 година е водач на виолончела во Симфонискиот оркестар на Феникс. Како член на Tetraktys String Quartet, Фагенел настапувал повеќепати во Северна Америка и Европа. Често музицира и во други камерни состави, особено во неговата омилена формација – гудачко трио. Моментално е професор на Универзитетот на Северно Колорадо (UNC) во Грили каде предава виолончело и камерна музика. Претходно предавал и на Scottsdale Community College во Аризона и на Универзитетот на Јужна Калифорнија. Редовно води мастеркласи и предава на летни музички школи во САД и Европа. На УСК, Фаганел е добитник на неколку грантови за истражувачка работа, патувања и концерти одржани на четири континенти. Иновативниот приод кон едукацијата каде ја користи технологијата на видео-конференција му овозможува на Фаганел да работи со студенти низ целиот свет. На 13-годишна возраст Фаганел победил на својот прв натпревар, на 15 години ја освоил првата награда на меѓународниот натпревар „Алфредо Маркозиг“ во Италија. Покрај останатите три награди освоени на меѓународни музички натпреварувања, меѓу кои се вбројуваат и оние на Меѓународниот натпревар по виолончело „Антонио Јанигро“ во Хрватска, Фаганел е победник на музичкиот натпревар во организација на Американската асоцијација на професори по гудачки инструменти во Калифорнија, како и на Државниот натпревар во Словенија во категориите соло изведувач и камерна музика – клавирско трио. Во 1997 тој ја понесе титулата „Млад музичар на годината“ во Словенија. Во 2006 година, Фаганел започна со истражување, каталогизирање, изведба и снимање музика за виолончело од словенечки композитори. Досега издал две од петте планирани компакт дискови со овие дела, за издавачката куќа Astrum.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top