| четврток, 6 декември 2018 |

Генетската мапа го разбуричка Балканот, паѓа митот за големата преселба на Словените

ДНК-анализите покажуваат дека генетските разлики меѓу балканските народи се сосема мали и дека големата преселба на Словените е народен мит, пишува Есад Кучевиќ на Ал џезира

Досега повеќе од еден милион луѓе од разни држави побарале, платиле да им се направи ДНК-анализа, па така веќе имаме доволно добар примерок за т.н. генетска географија, односно за „генетска мапа на Европа”, а тоа значи и генетската мапа на Балканот. За првпат е добиена реална, научнодокажана слика за тоа кои се и од каде дошле Македонците, Србите, Хрватите, Босанците или Албанците.

Резултатите може да се опишат отприлика вака: сите ние сме некаква чорба од зеленчук, во која сѐ е исечкано и измешано. Зеленчуците се хаплогрупите (точно одредена генетска група). Во една чорба има повеќе морков, а во друга целер. Но, ниту еден народ за себе не може да каже дека е само „чорба од моркови“, затоа што во себе има и други состојки, па и зачини. А секој зачин и додатоците претставуваат неизбежни теми за расправање.

Бојана Паниќ и Ана Бањац Чанак, докторки од ДНК-центарот за генетика од Белград, велат дека е многу тешко, на пример, прецизно да се каже од каде потекнуваат Србите. „Секој балкански народ претставува мешанива на различни народи“, велат тие.

Според молекуларно-биолошките наоди, објавената генетска мапа на Европа дава сосема поинакви податоци за вековните расправи и донесува неколку непобитни факти. Кога зборуваме за народите на Балканот, главната вест е дека нема некои поголеми меѓусебни разлики. Србите и Македонците се речиси сосема идентични (96%), a и Босанците и Србите. Хрватите имаат малку повеќе проценти на гени од Западна Европа, но во споредба со другите хаплогрупи, ни кај нив нема некои битни разлики.

dnk 2

Албанците се исклучок. Хаплогрупите Е2 и Е3 се најраспространети во северна Африка, поточно во Мароко и Aлжир. Во Европа се појавуваат дури во последните 2.000 години, како најзастапена хаплогрупа кај косовските Албанци. Тие хаплогрупи ги има во помал процент кај Србите од југот на Србија и Косово.

Генетиката дава конкретни докази за потеклото на Албанците, Босанците, Црногорците, Србите, Хрватите и на Македонците. Конечно е докажано дека народните легенди се празноверие.

Така на Србите во биолошкото братство најблиски им се Хрватите, Босанците, Унгарците, Романците, Бугарите, па во поширокиот круг и Чесите, Словаците, Полјаците Австријците, Грците, Италијанците, Германците, а уште подалеку во европските рамки им се Русите.

Д-р Златко Јаковски од Институтот за судска медицина во Скопје по петгодишното истражување на генетскиот код на жителите на Балканот вели дека ја докажал генетската сличност на балканските народи.

„Анализата на добиените податоци покажува дека населението на Македонија има најсличен ДНК-профил со Бугарите и Србите, а Хрватите со Босанците и Србите”, вели Јаковски.

И податоците на институтот Игенеа во Женева покажуваат дека словенскиот ген е малку изразен кај сите денешни балкански народи, со што се урива митот за големата преселба на Словените. Кај Србите тој процент е 30 отсто, кај Хрватите 20% и Босанците 15%. Кога сѐ ќе се собере и одземе, вели професорот Омер Ибрахимагиќ, Босанците и Херцеговците најмногу се наследници на Илирите (40%), на Германите (20%), на Келтите (15 отсто), па дури потоа на Словените – 10 отсто.

Според хаплогрупите, на Турците два пати поблиски им се Албанците од Србите и Македонците, а најдалечни им се Босанците.

Ниту еден народ нема единствена хаплогрупа. Сите ние сме по малку и „други”. Затоа на сите биолошко-медицински студии се учи една анатомија, физиологија, патологија, физикална медицина и рехабилитација. Иако и хаплогрупите немаат конечни изданија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top