Дивото градилиште на угостителскиот објект „Бастион“, кој се наоѓа на улицата „Аминта Трети“ (поранешна „Ленинова“) во Дебар Маало, ќе се затвори, соопштија од Општина Центар.
Од Општината информираат дека на 9 февруари, годинава, нивен овластен градежен инспектор донел решение со кое се наредува на инвеститорот Томислав Алексовски да ја отстрани челичната конструкција со димензии 12Х10 метри и да ги врати во првобитна состојба срушените скали, бидејќи е изградено без одобрение за градење.
– Инвеститорот го примил решението и не само што не престанал и не ја вратил градбата во првобитна состојба, туку изградил доградба под челичната конструкција и бетонска платформа, со димензии 12Х10 метри. И ова, инвеститорот го изведувал без одобрение за градење, стои во соопштението.
Инспекторот на општина Центар издал решение дивоградбите да се отстранат во рок од 3 дена, во спротивно ќе се пристапи кон присилно уривање на дивоградбата.
Жалбата против ова решение, се наведува, не го одлага извршувањето и општина Центар распиша јавна набавка за избор на фирма која ќе го изврши уривањето, а ќе биде побара и асистенција од МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.