| четврток, 6 декември 2018 |

Албанската опозиција ќе ги бојкотира изборите

На средба на најголема опозициска сила во Албанија, Демократската партија на Љуљзим Баша со претставници на другите опозициски партии, одржана денеска, донесена е конечна одлука опозицијата да не учествува на парламентарните избори закажани за 18 јуни, за кои крајниот рок за регистрација истекува денеска во 24 часот.

– На овој начин потврдуваме дека нема да учествуваме на изборите без реализирање на нашите барања за техничка влада, која ќе спроведе слободни и фер избори, стои во соопштението од средбата.

На состанокот е решено и опозицијата да органзира „масовен сенационален протест“ во Каваја, со цел да се блокираат делумните локални избори во овој град.

Како што јави дописникот на МИА, протестот ќе биде одржан на 7 мај, кога во овој град се одржуваат делумни локални избори, откако градоначалникот на Каваја беше обинет за криминал. Опозицијата ги бојкотира овие избори.

По протестот во Тирана од 18 февруари, опозицијата најавува дека оној во Каваја ќе биде уште помасовен. Со соопштението, исто така, се наведува дека шаторите што се поставени пред Владата во Тирана по протестниот митнинг на 18 февруари и каде секојденвно има по најмалку илјада демонстранти, ќе останат и натаму.

Инаку, опозицијата ја бојкотира и работата на Парламентот, со што е закочено донесувањето на важните закони од сферата на правосудството, чие усвојување е услов за започнување на преговорите за членство на земјата во ЕУ.

За утре е најавена седница на албанскиот Парламент на која треба да се изберат соодветни комисии за оценка на работата на околу 800 судии и обвинители.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top