Кој е сопственик на телевизија „24“? Дали Вице Заев, братот на лидерот на СДСМ, е вистинскиот сопственик? Иако во јавноста веќе подолго време кружат шпекулации дека основач на телевизијата е штипјанецот Роберт Димитров, познат како Роби Телекабел, тој за телевизија „Алфа“ го демантира истото.
Останува прашањето дали на чело на сопственичката структура на ТВ „24“ е токму братот на лидерот на СДСМ? Дали овие наводни информации се вистина, а Вицето навистина е сопственик на телевизијата?
Сомневањата ги подгреа и Љупчо Палевски, некогашниот претседател на градската организација на социјалдемократите и некогаш близок пријател на поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, јави Алфа.
– Со самото ова што јас го говорам кај вас, укажува дека имате поголеми демократски капацитети. Јас ова не можам да го кажам за Заев во ТВ „24“, која е на Вице, не е на Роби. Меѓутоа, во Централен регистер сѐ уште се води. – Значи на братот на Заев е телевизија „24“. – Да, да, да. Тоа е јавна тајна дека е на Вице телевизијата. Не е сменета формално, во регистер не е – кажа Палевски.
Во обид да дознае кој навистина стои зад сопственичката структура на оваа телевизија, ТВ „Алфа“ дошла до податоци дека австриската фирма, која е прикажана како сопственик на телевизија „24“ има само еден вработен.
Според Централен регистар, како сопственик на ТВ „24“ се јавува австриската фирма CABLE 24, (Кејбл 24) која е регистрирана во Линц, Австрија и речиси е невозможно да откриете со што се занимава и која е главната дејност на оваа фирма. Нејзиното седиште е на адреса на која се наоѓа хотелски комплекс, а на иста адреса се водат и помали фирми, кои имаат по една канцеларија. Тука најверојатно е сместена и сопственичката фирма на телевизија „24“, наведува „Алфа“.
Од телевизијата се обиделе да добијат податоци и од веб-страна од Австрија од каде што се добиваат бизнис-информации за фирмите и нивниот кредитен рејтинг. Според информациите добиени оттаму, „Кејбл 24“ е регистрирана во 2010 година и има само еден вработен, на позицијата менаџер. Станува збор за Јирген Микснер (Jurgen Meixner), Австриец на 38-годишна возраст и тој е единствениот вработен во фирмата. Ова име се појавува и како менаџер на уште 5 други фирми, а меѓу нив само ЈМ ДАТА Телеком се поврзува со Македонија, но без податоци кои се нејзините бизнис-партнери од Македонија.
Според податоците, пак, објавени на веб-сајтот, во фирмата ЈМ ДАТА е вработена извесна Весна, која има исто презиме како и менаџерот на фирмата сопственик и на телевизија „24“. Нејзиниот работен ангажман пак е превод на официјални документи на македонски јазик, стои на веб-сајтот на фирмата. Неофицијално, Македонката е мажена за Австриец по потекло од Штип.
Како оваа фирма со еден вработен станала сопственик на ТВ „24“ и што се крие зад параванот останува енигма. А дали и колку шпекулациите за поврзаноста на Вице и Зоран Заев со оваа телевизија се точни, најверојатно останува да ги каже уште некој функционер на СДСМ, пишува „Алфа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.