По еден и пол месец масовни протести на улиците низ земјава се најде јунак меѓу функционерите во Брисел да признае дека суверенитетот на Македонија произлегува од народот, а не од амбасадорите, странските дипломати и од центрите на моќ. Ставот на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, беше поздравен од македонската јавност, а истовремено предизвика силно разочарување кај криминалната банда во СДСМ и меѓу Соросовите платеници кои со раширени раце и подзинати усти чекаа да им го обезбеди мандатот. Нивните бомбастични најави дека „кретените од улиците во Скопје“ и политичарите што не ги „виткаат кичмите“, конечно, ќе бидат скршени со закани за некакви ембарга и блокади пукнаа како балон од сапуница по прес- конференцијата на дипломатот од Брисел. Неговата јасна порака дека „сами треба да најдеме решение за проблемот кое ќе биде во рамките на демократските начела, пристојност и разум“ ги турна квислинзите во уште поголема агонија. Кога видоа дека помошта од надвор се изјалови, за да го задржат моралот во своите предавнички редови, почнаа да се закануваат со насилни сценарија и со нови „бомби“. Очајот во СДСМ се зголемува напоредно со засилувањето на отпорот кај народот за тиранската платформа и со сѐ погласното барање за нови предвремени избори. Народот јасно и гласно бара избори на кои ќе се изјасни за тоа што му беше подметнато по 11 декември. И нема намера да се откаже. Очигледно, дипломатите ја примија пораката. Наспроти нив, Заев сѐ уште го игнорира народот и бара начин како да формира влада наспроти неговата волја. Но, тоа што веќе на сите, освен него, им е јасно е дека народот е главниот фактор во решавањето на кризата. Тие стотици илјади луѓе на улица протестираат мирно и достоинствено, но се на готовс да спречат каков било обид за насилно преземање на власта.
Покрај признавањето на народот како фактор во решавањето на кризата, од пораката на Туск може да се извлечат два важни заклучока од кои зависи решавањето на кризата:
Првиот е дека во ЕУ нема единствен став по прашањето за кризата во Македонија. Во изминатите недели при посетите на еврокомесарите Могерини и Хан можевме да видиме и слушнеме различни пораки од таа на претседателот на Европскиот совет. Од тоа може да се заклучи дека функционерите во Брисел имаат различни гледања на ситуацијата во земјава. До душа, ова не е ни прв ни последен пат од ЕУ да добиваме различни пораки кои често се непринципиелни и лицемерни. Но, изјавата на Туск овој пат има посебна важност затоа што индиректно признава дека игнорирањето на волјата на народот од страна на Брисел и наметнувањето решенија што се штетни за националните интереси на државата е надворешно мешање во работите на државата и газење на принципите на кои е поставена самата ЕУ. Зошто и во чие име Могерини и Хан праќаа пораки спротивни на основните демократски принципи и начела е друго прашање. Причините за нивните двојни аршини, како и за лицемерниот однос на останатите бирократи што ни доаѓаат од Брисел, може да се бараат во повеќе фактори – лични врски, идеолошка блискост/солидарност или бизнис релации со левицата во Македонија и со нивните надворешни наредбодавци и спонзори (ЦИА, Сорос и УСАИД).
Вториот важен заклучок што може да се извлече од пораката на Туск е дека решителноста и упорноста на македонскиот народ да ја зачува унитарноста на државата и да спречи нејзино разнебитување, и тоа како, има ефект! Признавањето дека проблемот треба да се реши во државата, а не во Брисел, Тирана или на кое било друго место во светот е потврда дека некој таму во Брисел го слушнал гласот на стотиците илјади македонски граѓани и признава дека тој мора да се почитува.
Токму признавањето на моќта на народот од страна на странските дипломати и непопустливоста на претседателот Иванов ги турка Заев и неговите Соросови платеници во сѐ поголем очај. Фабриката за лажни вести која работи со полна пареа во насока на омаловажување на стотиците илјади луѓе кои секојдневно протестираат со граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ предизвикува контраефект провоцирајќи сѐ поголем број Македонци да излезат на улиците.
Не пали ни пропагандата на Сорос дека со продажбата на името и на националните интереси ќе „купиме“ брзо членство во ЕУ и во НАТО. Во приказните од типот ќе влеземе во НАТО во рок од шест месеци по промената на името веќе никој не верува затоа што на сите им е јасно дека ниту еден дипломат не може да гарантира повлекување на грчкото вето дури и да решиме сами да го смениме името. Впрочем таква беше ситуацијата и во 2008 година кога Американците нѐ тераа да прифатиме компромисно решение без гаранција дека Грција ќе го повлече ветото. За овие притисоци и оградувања од „гарантирано членство“ може секој да прочита во документи објавени на „Викиликс“. И последниот ваков спин на СДСМ – дека по формирањето на владата ќе се отворат поглавјата 23 и 24 со што фактички ќе почнеме преговори за членство – беше експресно демантиран, и тоа директно од Брисел, од каде што јасно и гласно кажаа дека такво нешто не е ветено.
Од сето тоа може да се заклучи дека народот веќе не верува на лажните ветувања, не дозволува ни милиметар нови отстапки во насока на зголемување на правата на Албанците, не дозволува менување на името на државата и на националните симболи и бара нови избори. Истовремено, каков било обид насила да се преземе власта и да се изигра неговата волја ќе го активира црвеното светло за бескомпромисно справување со квислиншките структури.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.