| четврток, 6 декември 2018 |

Организацијата за забрана на хемиско оружје ги анализира информациите за нападот во Идлиб

напад

Организацијата за забрана на хемиско оружје соопшти дека собира и ги анализира информациите за денешниот наводен хемиски напад во сириската провинција Идлиб.

Сириската опсерваторија за човекови права утрово објави дека во напад со отровен гас во градот Хан Шејхун загинале 58 луѓе, од кои 11 деца помлади од осум години.

Организацијата за забрана на хемиско оружје изрази загриженост и го осуди нападот, Сирија е членка на Организацијата од 2013 година.

– Добиваме ужасни информации за нападот со хемиско оружје во сириската провинција Идлиб. Треба да се спроведе истрага за инцидентот и извршителите да понесат одговорност, напиша британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон на Твитер.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е шокиран од снимките на жртвите и апелираше до меѓународната заедница да стави крај на крвопролевањето во Сирија.

Претходно, шефот на француската дипломатија Жан-Марк Еро побара вонредна седница на Советот за безбедност на Обединети нации поради нападот во Идлиб.

– Утрово е извршен нов и посебно сериозен хемиски напад во провинцијата Идлиб. Според првичните податоци има голем број жртви, вклуѕчително и деца. Го осудувам нападот. При такви сериозни акции, што ја загрозуваат меѓународната безбедност, повикувам никој да не биде иземен од одговорност. Затоа барам вонредна седница на СБ на ОН, посочи Еро.

И претседателите на Турција и на Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин разговараа за наводниот напад со хемиско оружје во Идлиб, кој е под контрола на сириските бунтовници, соопштија денеска извори блиски до турскиот претседател.

Високата претставничка на Европска унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини истакна дека режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад сноси одговорност за „хемискиот напад“, извршен во бунтовничкиот и џихадистичкиот бастион во северозападна Сирија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top