| четврток, 6 декември 2018 |

Конститутивната седница на Собранието ќе продолжи утре

И во попладневниот дел од шестото продолжение на првата седница на Собранието на Република Македонија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа од СДСМ да се откажат од тиранската платформа и да кажат што е договорено со ДУИ за Законот за јазиците, додека пак тие им реплицираа дека такво нешто не постои и оти Законот за јазиците го спровела Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, побара да се разговара за суштината на дебатата која, според него, излегла од патеката и побара од пратеникот Петре Шилегов од СДСМ да одговори дали ќе ја прифатат платформата.

Шилегов рече дека тие имаат програма која ќе ја спроведат како реформска влада и оти е лага дека ќе се менуваат знамето и химната. Додаде дека е договорена само дебата за тие работи. Шилегов ги повика пратениците на ВМРО ДПМНЕ да прекинат со, како што рече, застојот на Македонија во нејзините интеграции.

Независната пратеничка Стефоска Ирена побара објаснување во кое својство во Парламентот присуствува пратеникот Емил Димитриев. Претседавачот Трајко Вељаноски ја упати да ја праша пратеничката Радмила Шекеринска, а таа ќе и објаснела за функцијата на Димитриев во Собранието.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече според Уставот на Република Македонија функцијата на Емил Димитриев во Парламентот како пратеник и воедно премиер на Република Македонија е чиста.

Пратениците и претседавачот во текот на седницата повторуваа дека не треба да се бега од дневниот ред, бидејќи некои од нив искажуваа и обвинуваа за некакви интереси на лидерите на најголемите партии во Парламентот, а кои не се на дневен ред односно бараа да се дебатира за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.

За дискусија се пријавени 50 пратеници, а досега своето право го искористија само четворица. Конститутивната седницата на македонското Собрание ќе продолжи утре во 11 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top